
Европската унија во петокот му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ја има нејзината „непоколеблива поддршка“ по неговиот судир со американскиот претседател Доналд Трамп и наглото заминување од состанокот во Белата куќа.
Долгоочекуваната средба меѓу претседателите на Украина и на САД во Белата куќа, која се сметаше за чекор кон мирот, заврши во петокот со отворена расправија меѓу двајцата челнции, откажано потпишување на договор за минерали и „добра телевизиска програма“, како што оцени Трамп.
„Никогаш нема да бидете сами“, му порачаа на Зеленски од Брисел.
„Бидете силни, бидете храбри, бидете бестрашни“, напишаа претседателите на Европската комисија. Урсула фон дер Лајен, на Европскиот совет, Антонио Кошта и на Европскиот парламент, Роберта Мецола во заедничката изјава за Х.
„Ќе продолжиме да соработуваме со Вас за праведен и траен мир“, му порачаа лично на Зеленски.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас рече дека станало јасно дека „на слободниот свет му треба нов лидер“.
„Ќе ја зајакнеме нашата поддршка за Украина за да може да продолжи да се бори против агресорот. Денеска стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. Наше е, Европејците, да го прифатиме овој предизвик“, рече Калас.
Германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок ја „увери“ Украина за непоколебливата солидарност на Германија и Европа по хаотичниот состанок во Белата куќа денеска меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Украина не е сама“, напиша Баербок на „X“ чија партија Зелените минатата недела на германските избори станаа четвртата партија во Германија и лесно може да се случи да не влезат во новата влада што ја договараат демохристијаните и социјалдемократите.
„Германија заедно со нашите европски сојузници стои обединета покрај Украина – и против руската агресија. Украина може да се надоврзе на непоколебливата поддршка од Германија, Европа и пошироко. Нивната одбрана на демократијата и нивната потрага по мир и безбедност е наша“, додаде Бербок