Британскиот премиер изрази „непоколеблива поддршка“ за Украина

Британскиот премиер Кир Стармер ја изрази својата „непоколеблива поддршка за Украина“ по жестоката расправија меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски во петокот во Белата куќа, соопшти Даунинг стрит.

Интервенцијата на британскиот премиер уследи по педесетминутниот разговор во Овалната соба меѓу американскиот претседател и украинскиот челник.

Двајцата се откажаа од плановите да потпишат договор за минерали што требаше да обезбеди континуирана поддршка на САД за Украина во замена за пристап до украинските природни ресурси.

По судирот, портпаролката на Стармер рече дека „премиерот вечерва разговараше со претседателот Трамп и со претседателот Зеленски“.

„Тој останува непоколеблив во својата поддршка за Украина и прави сѐ што може за да најде пат кон траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина. Премиерот со нетрпение очекува да ги угости меѓународните лидери, вклучително и претседателот Зеленски, во недела“, рече таа.

Британските и европските челници ќе се соберат на покана на Стармер во Лондон во недела за да разговараат за безбедноста и војната во Украина. На состанокот беа поканети челниците на Франција, Германија, Данска, Италија, Турција, НАТО и Европската унија.

Откако Стармер разговараше со Трамп во четвртокот, ги покани на самитот и лидерите на Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Финска, Шведска, Чешка и Романија.