Норвешка компанија одбива да им испорачува гориво на Американците по кавгата Трамп-Зеленски

По расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа, норвешката компанија за гориво „Haltbakk Bunkers“ објави дека ќе престане да доставува гориво за американскиот воен персонал стационирано во Норвешка и американските бродови што пристигнуваат во пристаништата во земјата.

„Решивме веднаш да ги прекинеме нашите активности како снабдувач со гориво за американските сили во Норвешка и нивните бродови кои пристигнуваат во норвешките пристаништа. Нема гориво за Американците“, се вели во соопштението на компанијата објавено во саботата во платформата X.

Од „Haltbakk Bunkers“, исто така, ги повикуваат сите норвешки и европски компании да го сторат истото и пораката ја придружуваше со проукраински слоган.

Извршниот директор на компанијата Гунар Гран, исто така, даде интервју за норвешкиот поморски информативен портал Kystens Næringsliv, во кое рече дека мерките ќе останат на сила „сѐ додека Трамп остане на функцијата“.

„Како што веројатно можете да замислите, ниту еден литар нема да биде испорачан додека не биде завршено со Трамп“, рече тој, додавајќи дека фирмата „има морален компас“.

Инаку Норвешка, најголем производител на нафта и гас во Европа, се споменуваше како земјата чијашто воена морнарица беше наведена како изведувач на експлозиите со кои есента 2022 година беа кренати во воздух четирите цевководи на од двата гасовода Северен тек во во Балтичкото Море со што беше прекината испораката на евтин руски гас за Германија и Европа.

Познатиот и наградуван американски истражувачки новинар Сејмур Херш набрзо по експлозиите, повикувајќи се на извори во американското разузнавање објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.