
Во периодот од 18 до 21 февруари 2025 година, во рамките на платформата „ОМНИБУС“ беше спроведена телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1.150 испитаници од целата територија на Република Македонија.
Анкетата беше насочена кон мерење на јавното мислење на граѓаните за процесот на евроинтеграции на Македонија, нивните ставови кон Европската унија, клучните предизвици и перспективите за иднината на државата во европското семејство.
Целта на истражувањето, како што велат од „Омнибус“, беше да се добијат релевантни податоци за перцепциите и
искуствата на граѓаните во однос на пристапниот процес, оценката на ЕУ како партнер и факторите што влијаат врз динамиката на интеграцијата.
Анкетата беше дизајнирана да обезбеди анонимни одговори, гарантирајќи искреност и точност во резултатите.
Прашањата во анкетата беа формулирани така што ќе овозможат систематски увид во јавното мислење, покривајќи различни аспекти на евроинтеграциите.
Вклучени беа:
- квантификативни прашања со скали за мерење на ставови (на пример, од 1 до 5);
- дихотомни прашања (да/не);
- перцептивни прашања за тоа како граѓаните ја оценуваат моменталната состојба и идниот развој на односите меѓу Македонија и ЕУ.
Овие методолошки пристапи овозможија детална анализа на трендовите, разликите во перцепциите и клучните фактори што влијаат врз јавното мислење.
Резултатите од анкетата покажуваат дека мнозинството граѓани се скептични во однос на евроинтеграциите, истакнувајќи го влијанието на политичките пречки, барањата на одредени земји-членки и двојните стандарди на ЕУ во процесот на проширување. Испитаниците посочуваат дека, иако влезот во ЕУ останува стратешка цел, нееднаквиот третман на Македонија и честите блокади го намалуваат нивниот ентузијазам за процесот.
Граѓаните идентификуваат дека ЕУ се соочува со внатрешни проблеми што се пренесуваат на регионот, а значителен дел од испитаниците сметаат дека наместо Европеизација на Балканот, се случува Балканизација на Европа. Довербата во европските институции останува на релативно ниско ниво, а значителен број од граѓаните ја доведуваат во прашање искреноста на европските политики кон регионот.
Овие сознанија можат да послужат како основа за анализи и дискусии за иднината на македонскиот евроинтеграциски процес и можните стратегии за надминување на предизвиците што произлегуваат од него, велат од „Омнибус“.