
Двегодишната Дуња Марковиќ е пронајдена откако исчезна во понеделникот попладне додека со своите браќа и сестри си играла пред семејната куќа во Уб.
Во потрагата по девојчето учествуваше цела Србија, а синоќа по третпат беше активиран системот „Најди ме“.
Како што потврдија од Планинарската служба, Дуња била пронајдена жива и комуникативна на оддалеченост од околу 2 километри од куќата.
Девојчето било пренесено во болницата Ваљевска, а во болница отишле и нејзините родители.
„По целоноќна потрага, утрово кучето го пронајде девојчето. Девојчето е добро, останатото го оставаме на лекарите што ќе биде понатаму. Девојчето немало видливи повреди“, изјавија од Планинарската служба.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска потврди дека двегодишната Дуња Марковиќ, која исчезна во понеделникот во Уб, е пронајдена свесна и комуникативна и дека е пренесена на преглед во болница.
Дачиќ изјави дека полициски екипи се уште се на терен и ќе спроведат истрага на местото каде што е пронајдено детето.
„Ова секако е среќен епилог од потрагата. Ќе се утврдат сите околности, но најважно е дека Дуња е жива и ќе се врати кај семејството“, нагласи Дачиќ.