Почина човекот со „златна рака“ кој спаси 2,4 милиони бебиња

Веројатно најдарежливиот дарител на крв во светот, кој спаси 2,4 милиони бебиња, почина на 88-годишна возраст, објави австралискиот 7NEWS.

Џејмс Харисон, австралиски дарител на крв кој донирал плазма повеќе од 1.100 пати во текот на неговиот живот, починал во дом за стари лица во Нов Јужен Велс, Австралија, на 17 февруари, објави неговото семејство во понеделникот.

Харисон почнал да донира плазма во 1954 година, кога имал само 18 години, и продолжил редовно повеќе од шест децении додека не наполни 81 година.

Со текот на годините, тој дарувал крв приближно на секои две недели, дарувајќи вкупно 1.162 донации, со што го добил прекарот „човекот со златна рака“.

Неговата крв содржела ретко антитело, познато како Анти-Д, кое се користи за правење лек за трудници чија крв може да ги нападне нивните неродени бебиња.

Харисон одлучил редовно да донира крв откако примил повеќекратна трансфузија на крв на 14-годишна возраст за време на операцијата на белите дробови.