Стипендии

Од 2012 година до 2023 година државата стипендирала 389 студенти, а просечно давала по 160.000 долари за еден стипендист. Поконкретно кажано: 389 студенти помножено со 160.000 долари е еднакво на 62,24 милиони долари. Се поставуваат многу прашања за одговор: Дали овие пари се фрлени во воздух? Зошто МОН не објавува список на државни стипендисти со име и презиме?

На оваа тема странски СТИПЕНДИИ сум пишувал повеќе пати, но како да нема никаков слух и интерес од надлежните институции, почнувајќи од Владата од 2012, па оваа Влада која си замина, и понатака Министерството за образование и наука (МОН), односно државата (ќе) плаќа за стипендии што ретко се враќаат, односно системот студентски стипендии не даваат резултати.

А, по завршувањето на студиите имаат и обврска да работат во Македонија. Овој  повеќегодишен проект наиде на критики од јавноста поради перцепцијата дека студиските програми дополнително го стимулира веќе алармантниот одлив на мозоци.

Имено, општото мислење е дека стипендистите остануваат во странство по завршувањето на студиите, односно прекршуваат една од основните обврски што ги налага стипендијата.

Што покажува анализата на Независниот академски синдикат (НАкС) и на Младинскиот образовен форум (МОФ)

Од добиените податоци од јавен карактер добиени од МОН на 11 месец 2023 година, анализата на НАкС за исплатливоста од студирњето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа, податоците се следни:

За периодот 2014-2017 година, од вкупно 61 добиена странска стипендија за прв циклус на студии на Природно-математичките факултети – 13 стипендисти, Техничко-технолошки – 28, Медицински и здравствени – 0, Биотехнички-0, Општествени -17, Хуманистички -2.

При тоа за 52-ца стипендисти има податоци од стипендирањето, додека за 9 не биле најдени соодветни траги, ниту податоци на МОН. Од 61 стипендист, 11 се вратени на позиции во Република Македонија, додека 41 или 67% (отсто) од вкупниот број стипендисти се вработени во странство.

Од претходната анализа може да се види дека за прв циклус на студии на странските универзитети, дури 67% (отсто) од стипендистите останале да работат во странство.

Прашање: За чии туѓи  економии или јавни администрации Република Македонија развива со помош на сопствениот скромен буџет?

По завршување на прв циклус на студии (2013-2017) вработување нашле во:

  • Велика Британија 18 (44%), САД и Канада 11 (27%), ЕУ 5, Швајцарија 1, Емирати 1, Албанија 1, Србија 1, Израел 1

Што може да се види најбројни се стипендистите што студирале во Велика Британија. Во Велика Британија од вкупно 35 стипендисти останале 18 (околу половина) што претставува 44% (отсто) што по дипломирањето нашле вработување во странство. Во САД или Канада 11 се вработени по дипломирањето, 5 во некои од земјите на Европска Унија, 4 во Швајцарија, а по 1 во државите Арапски Емирати, Албанија, Србија и Израел.

Според тоа, вкупниот износ на овие, потрошени буџетски средства само во периодот 2013 до 2017 година, може да се процени на: ОКОЛУ 2,5 милиони евра

И, ако се има податок, дека 67% (отсто) од овие пари биле потрошени за стипендирање на студенти кои по завршувањето се вработени во странски држави и дека МОН овие средства не направил обид да ги врати според пропишаните договори, тогаш се добива дека:

1,7 милиони евра биле потрошени за економски развој на туѓи држави. Истовремено, домашните студенти и академската заедница биле осиромашени за овој износ.

Втор циклус за стипендирање од 2010-2021 година, биле потрошени околу 6 милиони евра

Ако се има податок, дека 47% (отсто) од овие пари биле потрошени за стипендирање на студенти, кои по завршувањето се вработиле во странски држави, и дека МОН овие средства не направил обид да ги врати според пропишаниот договор, тогаш се добива, дека:

2,8 милиони евра, биле потрошени за градење хумани ресурси и економски развој на туѓи држави…

Од истражувањето  на  Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“ – истражување за стапките на успех на стипендиите доделени од МОН за студирање на универзитети кои се рангирани на првите 100 места според Шангајската листа“ се констатирани и според анализата перцепцијата дека не е познат моменталниот статус за најголем број од стипендистите, односно тие не се вратени во државата да го исполнат својот дел од договорот. Зошто?

За оваа констатација одговор треба да дадат одговорните во МОН. А, оттаму нема никаков одговор. Состојбата е алармантна!

Од истражувањето, младите сметаат дека процесот на селекција на стипендистите е нетранспарентен и не се доделува според заслуга, а по завршување на студиите, државата не обезбедила/понудила соодветно работно место во јавната администрација според стекнатата диплома. Зошто?

И за ова констатција, одговор треба да дадат одговорните на МОН. А, оттаму нема никаков одговор. Состојбата е алармантна!

Заедничкиот содржател на истражувачите и авторите на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“ е дека и покрај сите пропусти не треба да се укинат стипендиите, туку неопходно е да се модифицираат условите за користење.

За ова имам повеќе прашања за одговори. Но, оставам одговорните на МОН да одговорат!

Дали доделените државни стипендии одат селективно и парите одат во ветар?

Во сериозни правни држави, кога државата плаќа за стипендирање за студирање на најдобрите 100 (сто) универзитети, според Шангајската листа, кои опфаќаат не само школарина, туку и трошоци за живот и преставуваат огромна инвестиција од страна на државата. Доделените финансиски стипендии треба да бидат проследени со строги услови, меѓу кои барање на примателите на стипендиите да се вратат во Македонија по завршување на студиите и да го применат своето стекнато знаење на одредени државни позиции. Зошто во Македонија не е така? Одговор барам од одговорните во МОН!

Што покажува истражувањето на МОФ – „Неискористен студентски потенцијал“

Младите истражувачи на МОФ истакнуваат дека: „секое ниво на образование до сега е предмет на експериментирање, но државата стремејќи да го поттикне развојот на високото образование, да го прилагоди еквилибриумот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, воведува атрактивна програма за стипендирање, а потоа директно да го внесе знаењето и искуството во македонското општество. Но, она што е факт што целосно се сложувам со истражувачите (за тоа сум и пишувал) дека нашето законодавство е јако на зборови (хартија), а слабо на дело, односно практично имплементирање“.

Зошто не се почитува потпишаниот договор што го потпишале стипендистите за студирање, согласно Правилникот за доделување на стипендии на студенти во странство, одговор треба да дадат одговорните на МОН! Одговор и одговорност во МОН-НЕМА!

Зошто одговорните на МОН не вршат мониторинг? Кои стиденти ја користеле државната стипендија од МОН? Како што истакнуваат авторите на проектот на МОФ и нивните сознанија е дека: „приматели на стипендијата се деца на функционери, што не е во ред. Нема ништо лошо доколку студентите ја заслужуваат стипендијата, но да се даде само затоа што се деца на функционери е лошо и поразително“. Каква дискриминација. Зошто се кријат имињата и презимињата на примателите на странски стипендии. И колку меници се активирани за повраток на парични средства? Од моето истражување и добиениот одговор од МОН, ниедна меница не е активирана Катастрофа.

Колку студенти ја користеле државната стипендија од МОН? 

Според младите истражувачи на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“, од 2012 година до 2023 година државата стипендирала 389 студенти, а во просек давала 160.000 долари за еден стипендист. Поконкретно кажано: 389 студенти помножено со 160.000 долари е еднакво на 62,240.000 долари.

Се поставуваат многу прашања за одговор: Дали овие пари се фрлени во воздух? Зошто МОН не објавува список на државни стипендисти со име и презиме?

Дали овие 62,24 милиони долари, би било покорисно и би имало поголем ефект, да се вложувале во науката и истражувањето во Македонија? Има и други прашања за одговор. И тоа: Новата Влада да направи целосна ревизија во МОН за досегашната работа на МОН, во доделувањето на стипендии од прв, втор и трет циклус на студии во странство! Веднаш да се стопира новиот Конкурс за доделување на стипендии за академските студии од прв циклус во странство за академската 2024/2025 година? (Ова не се направи. Зошто?) Има индиции и сомнеж за криминал и корупција, од извршени констатции и анализи. Мора да има одговорност!

Што покажува анализата на Државниот завод за ревизија (ДЗР)?

Анализата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР), покажува дека во периодот 2013-2021 година, од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовни кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошиле 44,7 милијарди денари. Одливот на високообразовниите кадри ја чини државата 0,8% од годишниот БДП.

Иако од Влада е усвоена Резулуцијата за миграционата политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство, со посебен фокус на лицата со високо ниво на образование, но како што констатира ДЗР не е воспоставен мониторинг, на имплементација на мерките и активностите од истата, а усвојувањето на нови стратешки документи е без оценување и евалуација на резултатите од предходните.

Која е забелешката на Државниот завод за ревизија (ДЗР)?

Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни и стручни кадри 2013-2020 година, е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира за „одливот на мозоци“, која не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ. И со усвоениот Акционен план за 2013/2014 година, со активности, рокови на извршување, финансиски средства, извори на финансирање, надлежни тела за реализација на целите и индикатори за успешност, ревизорите на ДЗР на Република Македонија, утврдиле низок степен на имплементација на мерките и активностите од Акциониот план што се должи на недоволна кординација на институциите/надлежните тела носители на мерки и активности и на формираната работна група (проектна единица) во рамките на МОН, која требало да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовни поединци во земјата, односно како што констатираат ревизорите – „Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Македонија, заради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовни лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“.

Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање, а МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори. Ревизијата утврдила значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата…. Зошто, доследно не се почитуваат и применувааат направените анализи и констатации од Ревизијата извршена во периодот од 01.09.2023 до 31.12.2023 година на Државниот завод за ревизија (Конечен извештај на тема „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“, април 2024г), каде што според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, Република Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светска Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Кој ги испушта талентите? Кој не се грижи за талентите? Има многу прашања.

Види повеќе: Алармантен губиток на таленти – Дали ќе се работи како досега?

За надминување на досегашната практика од стипендирањето за студии на универзитетите во странство

Потребно  е да се согледа:

  1. Идејата за стипендирање на студенти за студии на универзитетите во странство е добра, но реализацијата и регулирањето на стипендирањето и условите за стипендирање се лоши;
  2. Ниту најбогатата држава во светот не може да си дозволи да стипендира некого со државни средства, без цврста гаранција дека лицето ќе се врати во државата. Давањето државни средства на приватни лица за остварување на лични желби, не е во интерес на развојот на науката во државата и на државата воопшто;
  3. Отворањето на регистар за стипендираните лица не го решава проблемот. Во Конкурсот за 2025/26 година од страна на МОН е регулирано дека: „… по завршувањето на студиите и враќањето во Република Македонија кандидатот е должен да се пријави во Министерството за образование и наука и треба да се регистрира на Дигиталниот регистар на стипендисти на Министерството за образование и наука (https://e-registar.mon.gov.mk/)“. Ова решение не е соодветно на целта, кандидатите да се вратат во државата. Ако Министерството праќа некого на студии во странство, и при тоа му плаќа 40.000 УСД годишно, Министерството треба средствата да ги уплаќа директно на странскиот универзитет (можеби и сега е така, не знам?!), но истовремено, во директна комуникација со Универзитетот да бара и да добива податоци (најмалку два пати годишно) за текот и напредокот на студиите на стипендираниот кандидат;
  4. Конкурсот предвидува кандидатот: „Да е примен на додипломски студии од прв циклус* за прв пат во прва година во академската 2025/2026 година, на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет“. Тоа во практика би значело, дека кандидатот-стипендист по сопствена желба ќе конкурира на некој од странските универзитети, без претходна консултација со институциите во државата (Универзитети, Стопански комори, АВРМ и други) дали на Македонија и треба таков кадар. Зошто тогаш некого би стипендирале од буџетски средства? Може да има повеќе одговори, на пример, дека Министерството признава дека на пример, образованието во економските науки и финансиите, архитектурата  и др. ни се на многу ниско ниво (во што не сум лично убеден), второ зошто некого би стипендирале да студира Хемија во странство, кога научници од Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје, се во топ 5% на најцитираните во светот, итн.
  5. „…Кандидатот ќе биде ослободен од обврската да работи во Република Македонија по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство…“. Тотална небулоза. Вие го стипендирате што побрзо да се врати во државата и да се стави во функција на нејзиниот развој, а од друга страна му оставате можност да се вработи во странство. Па, после три години работа во силна институција, тој сигурно нема да се врати, парите може да ги врати, може тие да бидат вратени и од страна на компанијата каде што ќе се вработи. И???  Уште повеќе, што понатаму, во Конкурсот се вели: „…Кандидатот може да биде ослободен од обврската да работи во Република  Македонија по завршувањето на студиите доколку веднаш по завршувањето на студиите го продолжи своето образование на студии од втор и/или трет циклус во странство, за што уредно ќе го извести Министерството и ќе достави соодветни докази за истото…“.
  6. Дали тоа во практиката, тоа може да изгледа вака? Некој ќе студира четири или пет години (во зависност од факултетот), ќе се запише на магистерски студии уште две години, па на докторски уште три, па ќе се вработи во компанија од Fortune top 500 уште три години, што значи дека ќе биде надвор од Република Македонија околу 12 години. И ќе се врати по 12 години? Еве и да не се врати, и да ги врати парите, а кој ќе и го врати на државата изгубеното време, затоа што 12 години чекала да и се врати некој стручњак од некоја област? Тоа значи дека Министерството за образование и наука ја погрешило инвестицијата. И сега, пак од почеток, нов конкурс, нови кандидати…
  7. Решението дека ако средствата треба да се вратат, се враќаат во соодветен износ на средствата кои се добиени. Ако тоа е така, тогаш тоа е бескаматна позајмица. И тоа воопшто не е во ред.
  8. Државата (Македонија) треба да направи регистар кои кадри се и се’ потребни, кои кадри се дефицитарни, кои кадри и каде ќе се вработат кога ќе се вратат, да утврди критериуми за краткорочни и долгорочни потреби, и конкурсите да бидат објавени со точен број на места за точно определен профил.

Со ваквиот чекор за надминување на досегашната практика од стипендирањето за студии на универзитетите во странство, нашата држава Македонија, ќе потврди дека има СТРАТЕГИЈА, се грижи за потребите на државата од високообразовен кадар, а со тоа и  да не се испуштаат талентите, односно да нема губиток на таленти.

Време е да не се работи како до сега! Владата е на потег!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес