
Европската Унија ги здружува силите за да создаде силен деловен амбиент за челикот произведен во Европа, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во воведното обраќање на Стратешкиот дијалог за иднината на европскиот сектор за производство на челик.
– Нашата Европска Унија е изградена на Заедницата на јаглен и челик. Челикот е насекаде, од енергијата на ветерот, до одбраната. Но, европските производители на челик се наоѓаат на крстопат соочени со предизвиците поврзани со потребната декарбонизација и делумно со нелојалната глобална конкуренција. Денешниот дијалог треба да доведе до приспособен план за да му помогне на овој сектор да се ослободи од јаглеродот и да напредува на глобално ниво, порача Фон дер Лајен.
На средбата со клучните европски раководители на индустријата за производство на челик, социјалните партнери и засегнатите страни, Фон дер Лајен истакна дека овој дијалог означува почетокот на еден инклузивен заеднички процес за справување со најзначајните предизвици со кои се соочува секторот и за обезбедување на негов континуиран успех како клучен двигател на европската економија.
Индустријата за производство на челик во ЕУ е под зголемен притисок, од една страна поради растот на производните трошоци предизвикан од поскапата енергијата, а од друга поради падот на цените на челичните производи како резултат на зголемената глобална нелојална понуда и намалената побарувачка.
Како резултат на ова, секторот за производство на челик во ЕУ се соочи со недостиг на средства за инвестиции во креирањето на чиста индустрија, согласно целите за декарбонизација.
Целта на стратешкиот дијалог е да се најдат начини за справување со предизвиците во овој сектор и за трасирање на патот за негов натамошен развој. Во рамки на Договорот за чиста индустрија, усвоен минатиот месец, веќе се предвидени мерки за намалување на трошоците за енергијата во индустријата и за справување со глобалната прекумерна понуда, за раст на инвестициите, како и 100 милијарди евра за поддршка на еколошки чистото производство во ЕУ.
Од Стратешкиот дијалог треба да произлезе Акциски план за челикот и металите, кој ќе предвидува дополнителни приоритетни активности специфични за секторот, како и утврдување на долгорочни заштитни мерки и реакција на нефер и неоправданите трговски практики. Се предвидува Акцискиот план да биде објавен на 19 март.
Европската челична индустрија опфаќа околу 500 производствени погони во 22 земји членки на ЕУ, кои обезбедуваат над 2,5 милиони работни места и придонесуваат со околу 80 милијарди евра во БДП на Унијата. Овој сектор ги обезбедува клучните репроматеријали за повеќе индустриски гранки, меѓу кои и автомобилската индустрија, градежништвото, одбраната, технологиите со нето нула емисии на штетни гасови, производството на електрични возила и критичната инфраструктура.