
Бразилскиот напаѓач Винисиус Јуниор изјави дека е среќен во Реал Мадрид и сака што поскоро да го обнови договорот со „Кралскиот клуб“.
Винисиус, кој му се приклучи на Реал во 2018 година, со клубот освои три титули во шпанската лига, две Лига на шампионите и две светски клупски првенства.
Има постигнато 102 гола за Реал во сите натпреварувања, а го забележа својот 300-ти настап за клубот во саботниот пораз од Реал Бетис со 2:1.
„Многу сум смирен бидејќи мојот договор е до 2027 година и се надевам дека ќе го обновам договорот што е можно поскоро бидејќи сум среќен овде“, изјави Винисиус на прес-конференција во понеделник пред дербито со Атлетико Мадрид во осминафиналето од Лигата на шампионите, закажано за вторник.
„Го живеам сонот играјќи со најдобрите играчи во светот, најдобриот тренер, најдобриот претседател, најдобрите навивачи. Сите ме сакаат овде. Не би можел да бидам на подобро место“, додаде Винисиус, кој во Реал има годишна плата од 20,8 милиони евра со бонус од 4,7 милиони евра.
Винисиус, кој ја освои наградата на ФИФА за најдобар играч на годината за 2024 година, рече дека неговиот детски сон бил да успее во Реал.
„Сега успеав да стигнам овде, си пишувам своја приказна“, изјави 24-годишниот фудбалер, чиј договор со Реал е до 30 јуни 2027 година, со ослободителна клаузула од една милијарда евра.
„Победив, но сепак можам да освојам многу повеќе и да влезам во историјата на клубот. Многу е комплицирано бидејќи тука имаше многу добри играчи, легенди и сакам да бидам како нив“.