
Општина Ѓорче Петров за првпат беше дел од Европскиот конгрес на локални самоуправи во Миколајки, Полска – еден од најзначајните форуми во Европа на кој градоначалници, локални лидери и експерти дебатираат за политики, развој и иновативни решенија во управувањето со општините, информираат од општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски, како прв претставник од општината на ваков висок меѓународен настан, учествуваше во дискусии за иднината на образованието и здравството, две клучни области за одржлив развој на локалните заедници. Во рамки на панел-дискусија за предизвиците на образованието во малите општини, се отвори прашањето за зголемување на квалитетот на наставата, создавање подобри услови за учениците и спречување на одливот на млади кадри од руралните средини.

Како стручњак од областа на здравството, Стојкоски ги потенцираше актуелните предизвици во примарната здравствена заштита и ја истакна потребата од инвестиции во локалните здравствени установи со цел обезбедување поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните.
Во рамки на конгресот, градоначалникот оствари значајни средби со претставници на европски општини, разменувајќи искуства и најдобри практики за унапредување на локалното управување. Учеството на ваков престижен форум претставува голем чекор за позиционирање на Општина Ѓорче Петров на европската мапа на локалните самоуправи, отворајќи нови можности за соработка, партнерства и учество во европски проекти.
Првото учество на Ѓорче Петров на Европскиот конгрес на локални самоуправи е јасен сигнал дека општината чекори кон модерно, иновативно и ефикасно локално управување, во чекор со европските трендови. Посветени сме на градење подобра иднина за сите граѓани на Ѓорче Петров!, се вели во соопштението на општина Ѓорче Петров.