
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Украина имаат намера да потпишат договор за минерали од ретки земји по катастрофалната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба во петокот, изјавиле за Reuters во вторникот четири извори запознаени со ситуацијата.
Трамп им рекол на своите советници дека сака да го објави договорот во своето обраќање пред Конгресот во вторникот вечерта, рекле три извора, предупредувајќи дека договорот сè уште не е потпишан и дека ситуацијата може да се промени.
Белата куќа сè уште не одговори на барањето за коментар. Украинската претседателска администрација во Киев и украинската амбасада во Вашингтон, исто така, сѐ уште не одговориле на барањата за коментар.
Договорот беше ставен во мирување во петокот по напнатата средба во Овалната соба меѓу Трамп и Зеленски што доведе до тоа на украинскиот лидер да му биде порачано да замине од Белата куќа. Зеленски отпатува во Вашингтон за да го потпише договорот, иако специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог неколку дена претходно при посетата на Киев му рекол на Зеленски дека не е моментот да го посети Вашингтон поради договорот
Келог се противел на состанокот со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Белата куќа, сметајќи дека нивниот однос прво треба да биде зацврстен. Шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Ермак, инсистирал на потпишување на договорот за минералните ресурси во Белата куќа, иако советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, предложил тоа да се направи на состанокот во Киев, пишува весникот The New York Post, повикувајќи се на американски функционер.
Преговорите со Келог и Зеленски се одржаа на 20 февруари во главниот град на Украина. Тие, исто така, разговараа за договорот за метали од ретки земји. Подоцна, телевизиската мрежа ABC News појасни дека Киев го ажурира договорот за ресурсите, чија претходна верзија Украина одби да ја потпише.
„Келог го повика (…) Зеленски да потпише (…) договор за правата на минералите со Вашингтон за време на посетата на пратеникот на Киев минатата недела“, се вели во објавата.
Според изворот на весникот, Јермак инсистирал Зеленски да го потпише документот заедно со Трамп во Овалната соба. Келог, инаку, бил подготвен да замине и да ја напушти Украина без договор што би можел да му биде претставен на Трамп.
Како што пишува NYP, кабинетот на Зеленски буквално го променил курсот во последен момент и ги доставил документите до возот во кој се качувал советникот на специјалниот пратеник на претедателот на САД.
Телевизијата CNN, исто така, извести дека тимот на Зеленски инсистирал на средбата во Белата куќа и покрај советот на Келог. Од своја страна, Келог изјави дека Зеленски на состанокот постапил „на најлош можен начин, оддавајќи впечаток дека е непопустлив“.
„Тоа не мина добро, а сите во просторијата се почувствуваа навредени. Сега Зеленски самиот мора да најде начин како да ја поправи оваа ситуација, ние не може да му помогнеме“ изјави Келог.
Американските власти разговараа со Украинците последните денови за потпишување на договорот за минерали и покрај спорот во петокот и ги повикаа советниците на Зеленски да го убедат украинскиот претседател јавно да му се извини на Трамп, според еден од луѓето запознаени со ова прашање.
Зеленски во вторникот на социјалната мрежа Х објави дека е подготвен да го потпише договорот, велејќи дека жали за средбата во Овалната соба.
„Нашиот состанок во Вашингтон во Белата куќа во петокот не помина како што требаше“, напиша Зеленски во својата објава. „Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро за да се приближи до траен мир“.
Не беше јасно дали самиот договор е променет.
Договорот што требаше да биде потпишан минатата седмица не вклучуваше експлицитни безбедносни гаранции за Украина, но содржи американски пристап до приходите од украинските природни ресурси, како начин Вашингтон да обезбеди поврат на стотиците милијарди воена и финансиска помош испорачани на Киев.
Тој, исто така, предвидуваше дека украинската влада ќе придонесе 50 отсто од идната монетизација на сите природни ресурси во државна сопственост во американско-украинскиот инвестициски фонд за обнова.
Трамп во понеделникот посочи дека неговата администрација останува отворена за потпишување на договорот, велејќи им на новинарите дека Украина „треба да биде поблагодарна“.
„Оваа земја помина низ многу со нив. Ние им дадовме многу повеќе од Европа, а Европа требаше да им даде повеќе од нас“, рече Трамп.