Трамп: Ни треба Гренланд заради националната безбедност

Американскиот претседател, Доналд Трамп ја повтори заинтересираноста на САД за преземање контрола врз Гренланд, кој е делумно автономна територија под суверенитет на Данска.

Во своето прво обраќање пред двата дома на Конгресот по враќањето во Белата куќа, Трамп им се обрати на граѓаните на Гренланд, велејќи: Цврсто го поддржуваме вашето право да ја одредите вашата иднина. И ако одлучите, добредојдовте во Соединетите Американски Држави. Ни треба Гренланд за национална безбедност – па дури и за меѓународна безбедност. Работиме со сите засегнати страни за да го постигнеме тоа.

Откако повторно ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп даде неколку силни и понекогаш радикални изјави за преземање на контролата врз Гренланд, кој е најголемиот остров во светот.

За разлика од 2019 година, кога предложи да го купи островот за време на првиот претседателски мандат, сега неговите изјави се сфаќаат посериозно и од Данска и од властите на Гренланд. Трамп не ја исклучи можноста да користи воени или економски средства за да ја оствари оваа цел. И САД и Данска се членки на НАТО.

Властите во Гренланд повеќепати истакнаа дека е можно да побараат независност од Данска, но не сакаат да станат дел од САД.

Во моментов, Гренланд самостојно управува со внатрешните работи, додека одбраната и надворешните работи се под контрола на Копенхаген. Територијата во голема мера зависи од економската поддршка од Данска.