
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место на сообраќајна несреќа во која ноќеска околу полноќ животот го загуби 77-годишен велосипедист.
Несреќата се случила на булеварот „Киро Глигоров“, во близина на железничкиот надвозник, кога автомобил „Мицубиши“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 26-годишен возач, удрило во велосипедот. Велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место.
Се преземаат сите дејствија за испитување на причините за несреќата и евентуалната одговорност. Непосредно по настанот, кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, меѓутоа сепак се земени примероци од крв и урина за дополнителни анализи. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзор. При увидот на лице место беше вклучен и сообраќаен вештак, а автомобилот е испратен на вонреден технички преглед.