
На европските берзи индексите значително пораснаа во средата претпладнето, враќајќи дел од вчерашните загуби, бидејќи инвеститорите се надеваат на смирување на тензиите меѓу САД, Канада и Кина.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневниот пресек од тргувањето порасна за 1,1 отсто, по вчерашниот остар пад. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,60 отсто, на 8.811 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 2,65 отсто, на 22.918 поени, а париски CAC за 1,67 отсто, на 8.180 поени.
Цените на акциите во Германија претпладнево најмногу скокнаа, бидејќи партиите кои најверојатно ќе формираат влада се договорија да формираат фонд во вредност од 500 милијарди евра за изградба на инфраструктура и олабавување на фискалните правила за стимулирање на економскиот раст и зголемување на инвестициите во одбраната. Благодарение на ова, цените за градежните компании и производителите на оружје остро се зголемија.
Кинеските власти најавуваат нови стимулации
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот на азиските акции MSCI беше во плус 0,3 отсто во истиот временски пресек како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 0,5 и 2,8 отсто. Во Австралија, пак, паднаа за 0,7 отсто.
Повеќето берзи претладнево пораснаа, најмногу благодарение на корекцијата на цените на акциите по вчерашниот пад.
Поттикнувањето на кинеските берзи, пак, дојде од годишната седница на парламентот на земјата. Кинеските власти најавија нови економски стимулативни мерки за оваа година и рекоа дека очекуваат раст на бруто домашниот производ (БДП) од 5 отсто, исто како и минатата година.
Сепак, азиските берзи се претпазливи поради трговската војна. Поради тоа Волстрит вчера падна втор ден по ред. Индексот Dow Jones падна за 1,55 отсто, додека S&P 500 се лизна за 1,22 отсто, а индексот Nasdaq за 0,35 отсто.
Најголемата светска берза беше под притисок поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико и да ги зголеми царините за увоз од Кина за 10 отсто, на вкупно 20 отсто. Канада и Кина веднаш возвратија со воведување царини за американските производи, а Мексико исто така најави контрамерки, но се уште не одлучил какви.
Оваа трговска војна негативно ќе се одрази на меѓународната трговија и ќе предизвика забавување на економскиот раст, па така цените на акциите вчера паднаа во речиси сите сектори.