
Чилеанскиот рударски гигант „Sociedad Quimica y Minera“ (SQM) во средата објави дека работел со загуба во 2024 година, со приходи речиси преполовени, во услови на остар пад на цените на литиумот на глобалните пазари.
SQM е вториот најголем производител на литиум во светот, а исто така произведува ѓубрива и индустриски хемикалии. Во 2024 година, вкупниот приход на SQM потонал за речиси 40 отсто, на 4,53 милијарди долари.
Чилеанската компанија минатата година ја завршила со нето загуба од 404,4 милиони долари. Во 2023 година работела со нето добивка од две милијарди долари.
Приходите во бизнисот со литиум минатата година изнесувале 2,24 милијарди долари, што е речиси половина од износот што го имаше во претходната година.
Литиумот е главниот извор на приходи на SQM, со учество во бруто добивката од дури 43 отсто, покажуваат податоците за четвртиот квартал од минатата година. SQM продаде речиси 205 илјади тони литиум во 2024 година, 21 отсто повеќе отколку во претходната година.
„Сепак, зголемувањето на обемот на продажбата не беше доволно за да се компензира континуираниот пад на цените, тренд што го гледаме од почетокот на 2023 година“, се вели во соопштението.
„Во такви услови нашата просечна остварена цена (на литиумот) потона за повеќе од 64 отсто, од 30.467 долари за тон во 2023 година на 10.936 долари за тон во 2024 година.
Годинава очекуваат зголемување на обемот на продажбата за приближно 15 проценти, со континуиран пад на просечната остварена цена.
Според нивната проценка, глобалната побарувачка за литиум годинава треба да се зголеми за 17 отсто. Цените на светските берзи треба да останат на минатогодишното ниво.
„Во однос на литиумот, ние сме прилично оптимисти и проценуваме дека побарувачката на пазарот во 2024 година е зголемена за 25 отсто, а оваа година (…) би можела да порасне за околу 17 отсто, поддржана од поголемата продажба на електрични автомобили и системи за складирање на енергија од батерии на пазарите ширум светот“, рече извршниот директор Рикардо Рамос.
„Сепак, цените, според нас, ќе бидат релативно стабилни во текот на оваа година, а позитивен тренд треба да започне во 2026 година“, ги потврди Рамос претходните прогнози.