Премиерот на Гренланд: Не сакаме да бидеме ниту Американци, ниту Данци

Премиерот на најголемиот остров на светот во средата изјави дека неговите жители не сакаат да бидат „ниту Американци, ниту Данци, туку Гренланѓани“.

„Ние не сакаме да бидеме ниту Американци, ниту Данци, ние сме Гренланѓани“, рече Муте Егеде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го повтори интересот на САД, кој всушност датира веднаш по завршувањето на Втората светска војна, за преземање на автономната територија во рамките на Данска.

„Американците и нивниот шеф мора да го разберат ова“, напиша Егеде на Facebook, шест дена пред парламентарните избори.

„Ние не сме на продажба и не може едноставно да бидеме преземени“, заклучи премиерот на Гренланд.

Трамп во вторникот во обраќањето пред Конгресот рече дека владата работи на стекнување на Гренланд, пренесе Reuters. „Мислам дека ќе го имаме, вака или онака, ќе го имаме“, рече американскиот претседател.

Им порача на Гренланѓаните дека со САД ќе бидат „безбедни и просперитетни“ и дека нивниот остров „ќе достигне височини за кои никогаш не верувале дека се можни“.

„Тоа е многу мало население, но многу, многу големо парче земја, многу, многу важно за воената безбедност“, рече Трамп.

„Ние силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за вашата иднина, и ако одлучите да го сторите тоа, добредојдени сте во Соединетите држави“, заклучи Трамп.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Гренланѓани, речиси 57.000, се против приклучувањето кон САД, но дека повеќето од нив се залагаат и за независност од Данска, според Reuters.