
Годишно до 150 пациентки заболени од рак на дојка ќе можат да направат реконструктивни операции на товар на Фондот за здравствено осигурување, најави директорот на ФЗО, Сашо Клековски.
Операциите ќе се изведуваат на Клиниката за пластична хирургија во рамки на заеднички буџет со Клиниката за торакална хирургија.
– Поставувањето на оваа услуга во условен буџет ќе спречи префрлување на одговорноста. Ќе овозможи директно плаќање според потребите на пациентите. Ова не е естетска интервенција, туку составен дел од третманот на пациентките со рак на дојка – изјави Клековски.
Најмладата пациентка, по операција на рак на дојка и примена терапија на Клиниката на онкологија, што направила реконструкција на града имала 27 години.
Клиниката за пластична хирургија апелира до жените што се оперирале од рак на дојка дека имаат можност да добијат реконструкција на града од сопствено ткиво или реконструкција со експандер на товар на ФЗО.
Оваа интервенција, велат оттаму, е со цел да се врати самодовербата кај жената.
Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директорка на Клиниката за пластична хирургија во Скопје вели дека ако претходно жените над 40 години беа со поголем ризик да заболат од карцином на дојка, сега имаме и жени над 20 години што доаѓаат за реконструкција.
– Реконструкцијата може да се направи од сопствено ткиво од стомак или од грб, а тој зафат е пообемен и остануваат видливи лузни. Реконструкцијата со импланти и со експнадери е многу поедноставна и за лекарот и за пациентите, зашто се прави преку лузната што е направена од претходниот зафат – истакна таа на денешното предавање „Карцином на дојка“, што се одржа во Скопје.