Макрон размислува за проширување на нуклеарниот чадор во другите европски земји

Париз е отворен за разговори за проширување на нуклеарниот чадор на Франција со своите европски партнери, рече претседателот Емануел Макрон во обраќањето до нацијата во средата вечерта, во кое предупреди дека Русија е „закана за цела Европа“.

Истакнувајќи ја „единствената улога“ на Франција во Европа благодарение на нејзината способност за нуклеарно одвраќање, Макрон рече дека е отворен да разговара за проширување на таа заштита на европските сојузници.

Во својот телевизиски говор, Макрон, исто така, истакна дека Франција ќе мора да почне да троши повеќе за одбраната и најави продолжување на помошта за Украина.

Тој, исто така, најави доаѓање на „нова ера“ поради промената на меѓународниот поредок, бидејќи САД имаат нова администрација.

„Знам дека со право сте загрижени за актуелните настани кои го нарушуваат светскиот поредок“, рече Макрон во својот говор.

„Русија стана закана за Франција и Европа“, тврдеше Макрон, додавајќи дека „да се гледа и да не се прави ништо би било лудост“.

Европските земји се обидуваат да ги зголемат трошоците за одбрана и да ја задржат поддршката за Украина, откако претседателот Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Киев и покрена сомнеж за посветеноста на Вашингтон кон своите европски сојузници во НАТО.

Макрон најави и дека следната седмица планира меѓународен состанок за можното распоредување мировни трупи во Украина.

„За да се осигураме дека Русија нема повторно да ја нападне Украина по мировниот договор, мора да се подготвиме за тоа. Следната седмица ќе ги собереме во Париз началниците на генералштабовите на земјите кои сакаат да ги исполнат своите обврски во овој поглед“, рече Макрон.

Макрон рече и дека Франција, заедно со Украина и другите европски земји, подготвиле „цврст и траен план за мир“ и дека штом ќе се постигне мир, ќе може да се распоредат европски мировни сили за да го обезбедат, на што остро предупредува Москва.

Додаде дека неговата нација мора да биде подготвена ако САД повеќе не се со неа.

„Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна, но мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај“, рече Макрон, ден пред клучниот самит на Европската унија за Украина и европската безбедност.