
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата одобри едномесечно ослободување од новите царини на увозот од Мексико и Канада за американските производители на автомобили, соопшти во средата Белата куќа.
Оваа одлука дојде откако Трамп разговараше со лидерите на „големите три“ производители на автомобили „Ford“, „General Motors“ и „Stellantis“, објавија медиумите.
Портпаролката на Белата куќа рече дека американскиот претседател им рекол на извршните директори на овие компании дека треба да го преселат производството во САД од Канада и Мексико.
Трамп е отворен и за дискусии за други производи кои би можеле да бидат ослободени од тарифите кои стапија на сила во вторникот, додаде Белата куќа. Но, тој исто така јасно стави до знаење дека тоа не значи крај на трговската војна со Канада и Мексико, бидејќи врши притисок врз двете земји да го спречат шверцот со фентанил.
По телефонскиот разговор со канадскиот премиер Џастин Трудо, Трамп рече дека не е убеден дека ситуацијата е подобрена.
Царините на Трамп претставуваат големи потешкотии за производителите на автомобили, кои произведуваат компоненти за возила во сите три земји и честопати испраќаат делови преку границите, бидејќи тие се вградени во системите и готови возила.
Царините на Трамп се закануваат сериозно да ги оштетат односите меѓу трите трговски партнери. Канада возврати со сопствени царини на избраниот увоз од САД, додека Мексико исто така вети дека ќе возврати.
Инаку, администрацијата на преходниот американски претседател Џо Бајден во август 2023 година донесе инвестициски план наречен Закон за намалување на инфлацијата (IRA), во вкупна ведност од 430 милијарди долари, со кој се даваат големи повластици за американските произведувачи. Според законот кој го поттикнува пристапот под мотото „купувај американско“, произведувачите на електрични автомобили имаат голема предност доколку произведуваат и купуваат делови за своите производи во САД.
Законот, меѓу другото, вклучува и проширување на даночните субвенции за купување електрични возила кои се склопуваат во Северна Америка и користат батерии произведени во САД од материјали од домашно суровини. Со него се издвојуваат 370 милијарди долари за вложувања во чиста енергија и справување со климатските промени, и 63 милијарди долари за намалување на цените на лекарствата и здравственото осигурување.
Во Брисел и во другите европски престолнини прикриено го изразуваа своето незадоволство од американскиот закон IRA. Министри и дипломати од земјите членки на ЕУ го истакнуваа изминатиот период разочарувањето од начинот на кој администрацијата на Бајден едноставно го игнорираше влијанието на своите домашни економски политики врз економиите на европските сојузници. Во ЕУ овој потег го оценија како дискриминаторски кон истите производи увезени од други земји и стравуваат од бегството на инвестициите и селењето на производството од Европа во Соединетите држави.