Јужна Кореја: 15 ранети откако воен авион фрлил бомби надвор од полигонот

Најмалку 15 лица се повредени откако јужнокорејски воен авион случајно фрлил бомби надвор од полигонот Сеунџин во Почеон, во Јужна Кореја.

Воените власти соопштија дека борбен авион „KF-16“ кој учествувал во вежба со боево гаѓање „ненормално“ фрлил осум бомби „МК-82“ надвор од полигонот за обука во Почеон во 10:04 часот, при што биле повредени цивили и причинета материјална штета.

„Авион KF-16 на воздухопловните сили по грешка фрли осум бомби МК-82, кои експлодираа надвор од предвидениот периметар“, се вели во соопштението.

Бомбите паднале на патот во близина на мостот Нангју во Ногок-ри, 50 километри североисточно од Сеул, кон силно милитаризираната зона со Северна Кореја.

Најмалку четири лица се тешко повредени, а другите се со полесни повреди, и оштетени се седум цивилни куќи, меѓу кои и една црковна зграда.

Бомбата „МК-82“ е 225 килограми тешка ненавеувана муниција која се фрла од воздух и нашироко се користи за уништување на објекти како згради и мостови. Создава експлозивен кратер со дијаметар од приближно осум метри и длабочина од 2,4 метри.

Вежбата со жив оган беше дел од заедничките вежби во кои учествуваа јужнокорејските воздухопловни сили и армијата и силите на САД, а беа вклучени повеќе борбени авиони, вклучувајќи ги и „F-35A“, „F-15K“, „KF-16“ и „FA-50“.

По инцидентот, воздухопловните сили започнаа истрага предводена од заменик началникот на Генералштабот на воздухопловните сили Парк Ки-ван за да се утврди точната причина за неуспехот и да се процени штетата.