
На европските берзи индексите пораснаа во четвртокот претпладнето, втор ден по ред, бидејќи инвеститорите очекуваат дополнително намалување на каматите од страна на Европската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,4 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,08 отсто, на 8.750 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,09 отсто, на 23.330 поени, а париски CAC за 0,46 отсто, на 8.210 поени.
Инвеститорите ќе се фокусираат на денешната средба на лидерите на Европската централна банка, а пазарот очекува дополнително намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 2,5 отсто, со цел да се стимулира растот на економијата на еврозоната.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот на азиските акции MSCI беше во плус 0,8 отсто во истото време како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,7 и 3,2 отсто. Во Австралија, пак, тие паднаа за 0,6 отсто.
Претпладнево, втор ден по ред, најмногу пораснаа цените на акциите на кинеските берзи, откако кинеските власти вчера најавија нови економски стимулации, мерки за стимулирање на домашната потрошувачка и соопштија дека годинава очекуваат раст на бруто домашниот производ (БДП) од 5 отсто, исто како и лани.
Позитивно на пазарите влијае и вчерашниот раст на берзанските индекси на Волстрит. По два дена остар пад, индексот Dow Jones порасна за 1,14 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,12 отсто, а индексот Nasdaq за 1,46 отсто.
Порастот на индексот дојде откако Белата куќа објави дека ќе ги ослободи автомобилите увезени од Канада и Мексико од царини на еден месец. Потегот на Белата куќа ги поддржа надежите за намалување на тензиите во трговската војна, која започна претходно оваа недела кога Вашингтон воведе царини за увоз од Кина, Канада и Мексико, а Кина и Канада возвратија со царини за увоз на американски производи.