
На автопатот Охрид – Кичево се исцртува хоризонтална сообраќајна сигнализација, се поставуваат еластични огради, се работи од Подмоље, преку Требеништа и низ цела Дебрца до Кичево.
Изградбата на автопатот Кичево – Охрид, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Македонија, влегува во завршна фаза. Овој автопат, дел од Коридорот 8, треба да ја подобри поврзаноста меѓу западниот дел на земјата и останатите региони, со што значително ќе се олесни сообраќајот и ќе се забрза економскиот развој.
Проектот, кој започна во 2014 година, се соочи со бројни предизвици, вклучително геотехнички проблеми, дополнителни градежни работи и финансиски зголемувања. Првично предвидената инвестиција од 374 милиони евра се зголеми на околу 598 милиони евра, а крајниот рок за завршување неколкупати беше пролонгиран.
Според најновите најави од Министерството за транспорт и врски, значителен дел од автопатот ќе биде пуштен во употреба пред почетокот на летната сезона, што ќе овозможи побрз пристап до туристичкиот центар Охрид. Последните работи вклучуваат поставување на заштитни бариери, осветлување и финална проверка на безбедносните стандарди.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, гостуваше на Сител телевизија, каде што најави дека дел од автопатот Кичево – Охрид, на кој се чека повеќе од деценија, ќе биде пуштен пред ова лето. „Зборот стои! Има бројни проблеми, но ги решаваме. Сега ќе има законски измени што ќе ја олеснат изградбата на оваа делница, на владина седница, а наскоро и во Собранието. Пред почетокот на летната сезона ќе пуштиме 40 километри“, изјави Николоски.