
Во услови на дебата за зголемување на одбранбената подготвеност на Европа, во Германија се зголемуваат барањата за враќање на воената регрутација, која беше укината во 2011 година.
„Во моментов ни требаат најмалку 200.000 регрути секоја година, веројатно 260.000 од летото, а сега доброволно се пријавуваат само околу 180.000“, изјави за јавната телевизија ARD Марсел Бонерт од Сојузот Бундесвер, организација која ги застапува интересите на војниците и вработените во Бундесверот.
Воените експерти сметаат дека идните барања на НАТО од нејзините членки ќе одат во насока на поголема воена структура.
За воведување на воениот рок годинава апелира и Здружението на резервни војници.
„Воената обврска мора да биде вклучена во коалицискиот договор на идната влада“, вели Патрик Зензбург, претседател на здружението на резервисти.
Претставниците на демохристијаните од Унијата CDU/CSU и Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во моментов се во преговори за формирање коалициска влада. За време на преговорите, тие одлучија да формираат посебен фонд за финансирање на одбраната и модернизацијата на Бундесверот во светло на промените што ги донесе одбранбената политика на НАТО.
Повторно воведување на воениот рок бараат и некои водечки политичари од Унијата CDUУ/CSU, која победи на предвремените парламентарни избори на 23 февруари.
„Потребни ни се значително повеќе ресурси за да го подготвиме Бундесверот за променетата глобална безбедносна ситуација. Ова вклучува воведување воен рок“, рече Хендрик Вуст, претседател на Христијанско-демократската унија (CDU) во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија.
За потребата од воведување на задолжителен воен рок се заложија и претседателот на Христијанско-социјалната унија (CSU) и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Воениот рок беше укинат во 2011 година за време на владата на Ангела Меркел, а една од причините беше неможноста да се исполни желбата за служење војска на сите членови на една генерација.
Потоа беа затворени и бројни касарни низ Германија. Актуелниот министер за одбрана Борис Писториус (од SPD) затоа е против воведувањето воена служба.
„Нема да имаме каде да ги сместиме сите регрути од една генерација“, рече Писториус.