ЕЦБ ги намали каматите, промените стапуваат на сила на 12 март

Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, па така депозитната стапка сега е 2,5%, каматната стапка на операциите за главно рефинансирање е 2,65%, а каматната стапка на маргиналните кредити е 2,9%.

Овие промени, кои се во согласност со очекувањата на пазарот, ќе стапат на сила на 12 март.

Банката оценува дека податоците покажуваат дека процесот на постепен пад на инфлацијата е „на добар пат“.

Монетарната политика станува значително помалку рестриктивна, намалувајќи ги трошоците за задолжување за претпријатијата и домаќинствата.

Банката предвидува дека просечната инфлација во еврозоната ќе биде 2,3% и ќе падне на 1,9% во 2026 година, пред малку да се зголеми на 2% во 2027 година.

Прогнозата за 2025 година е ревидирана нагоре во однос на претходната проценка, како одраз на посилна динамика на цените на енергијата.

Европската централна банка очекува базичната инфлација во еврозоната да биде 2,2% во 2025 година и ќе падне на два отсто во 2026 година и 1,9 отсто во 2027 година.

Прогнозите за економски раст на еврозоната се ревидирани надолу на 0,9% за 2025 година и 1,2% за 2026 година, како одраз на слабиот извоз и инвестиции.

Банката очекува економијата на еврозоната да порасне за 1,3% во 2027 година, проценка непроменета од претходниот извештај.