САД: Заеми во износ од над 300 милиони долари давани на 11-годишници

Американската Управа за мали бизниси (SBA) издала околу 5.500 заеми во вкупна вредност од 312 милиони долари за деца и под 11-годишна возраст во 2020/2021 година, според Одделот за владина ефикасност (DOGE), предводен од американскиот претприемач и милијарер Илон Маск.

„Управата за мали бизниси доделила 5.593 заеми во вредност од 312 милиони американски долари на заемопримачи чиј единствен сопственик на листата бил на возраст од 11 години или помлад кога заемот бил примен во 2020-2021 година“, се вели во соопштението на одделот објавено во неделата на неговата официјална страница на социјалните мрежи X.

Одделот нагласува дека иако може да има деловни аранжмани каде таквата возраст на заемопримачот би била возможна, постојат сомневања дека сите 5.500 трансакции спаѓаат во оваа категорија. Дополнително, некои позајмувачи дале броеви за социјално осигурување со неточни имиња.

Во објавата се додава дека одделот, заедно со Управата за мали бизниси (SBA), работи на решавање на проблемот.

DOGE претходно рече дека SBA издала заеми од 333 милиони долари во периодот 2020-2021 година, во времето на пандемијата на коронавирусот, на заемопримачи чија возраст е наведена во базата на податоци над 115 години.

Покрај разоткривањето на лажните заеми, DOGE најави откажување на договорот од 10,3 милиони долари од Министерството за земјоделство, иронично наменет да ги идентификува расипничките договори. Раскинувањето на договорот беше дел од пошироките напори со кои беа откажани 162 излишни федерални договори, со што на американските даночни обврзници им се заштедуваат околу 90 милиони долари.

DOGE не ги откри конкретните агенции погодени од преостанатите откажувања на договори. Освен социјалното осигурување, одделот беше активен во враќањето средства во други федерални агенции, вклучително и Агенцијата на САД за меѓународен развој (USAID), што отвори големи дискусии и во земјата но и во странство околу проблематични финансирања на политички кампањи и активисти, како и медиуми.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави дека американскиот претприемач Илон Маск и бизнисменот Вивек Рамасвами ќе го водат новиот Оддел за ефективност на владата (DOGE), кој е дизајниран да ги „намали расипничките трошоци и да ги преструктуира федералните агенции“. Рамасвами подоцна се повлече од водството на DOGE.