За Ангеловска-Бежоска финансиската вклученост на жените – клучен фактор за економски напредок

Родовата нееднаквост е едно од светските прашања за кои мора постојано да се зборува и да се преземаат активности. Според истражувањата на Светската банка, иако во последната деценија има одреден напредок, родовиот јаз кај сопственоста на сметките во економиите во развој и натаму е значителен, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за веб-порталот „Пари.мк“. Во 2021 година, разликата во поседувањето платежни сметки меѓу мажите и жените на светско ниво се намалила на 6 процентни поени, но сè уште има поголема веројатност дека жените ќе располагаат со неактивни сметки и ќе имаат помал пристап до финансиски услуги.

Слична е состојбата и во нашата земја. Иако е забележано подобрување, родовиот јаз во пристапот до финансии сè уште постои. Според последните податоци, во 2021 година, 79,9% од жените и 90,6% од мажите во Северна Македонија поседувале платежна сметка. Овој родов јаз од 10,7 процентни поени е значително поголем од просекот во Европа и Централна Азија, каде што изнесува 3,2 процентни поена.

-Овие податоци не се само статистика – тие се јасен показател дека е неопходно да се преземат натамошни мерки за подобрување на финансиската вклученост на жените. Пристапот до финансии е од големо значење за нивната економска независност, подобро управување со личните и семејните финансии, како и за создавање посигурна иднина, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Пристапот до финансиски услуги создава можности за претприемаштво, инвестирање и активно учество во економијата. Достапноста до банкарски услуги, кредити и штедење придонесува за намалување на економските разлики и создавање подобри услови за живот на жените и нивните заедници. Исто така, родовата рамноправност во финансискиот сектор носи придобивки како за жените, така и за општеството во целост, преку поттикнување на економскиот раст и напредок.

-За да се надмине овој предизвик, треба да се направат промени во корпоративните политики, да се зголеми заложбата за финансиско образование и да се поттикне поголема застапеност на жените во лидерски улоги. Жените сè повеќе го освојуваат финансискиот свет, но за вистинска еднаквост е неопходно системско справување со препреките поради кои долги години биле на маргините, додаде гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Народната банка и натаму ќе се залага за политиките што ќе придонесат кон унапредување на финансиската вклученост на жените, како дел од пошироките напори за создавање одржлив и инклузивен економски развој.