
Наместо суштински предлози и соработка, опозицијата без аргументи не треба да ја кочи реформската агенда на Македонија-ова е одговорот на заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков на ставот на пратеникот Венко Филипче, кој на денешната втора седница на Националниот совет за евроинтеграции забележа дека Реформската агенда е закочена.
„Сите ние во министерството за европски прашања кои иако сме малку, овој период работиме посветено на реформската агенда. Подготвени сме во секој момент да излеземе и со детален извештај до каде сме во процесите“ објасни заменик министерката Викторија Трајков.
Таа рече дека реализацијата на реформската агенда ќе биде уште побрза, ако опозицијата не ја кочи работата.
„Европската Комисија ја оцени најдобро нашата агенда, доколку не се кочиме во работата, конечно ќе докажеме дека освен што добро сме ја сработиле агендата, туку и одлично би ја реализирале во зацртаната временска рамка“, порача заменик министерката Викторија Трајков.
На денешната втора седница на Националниот совет за евроинтеграции, заменик министерката ја потенцираше поддршката од Полска во рамките на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Во своето обраќање истакна дека добиваме охрабрувачки тонови дека нивната континуирана и гласна поддршка за пристапниот процес на нашата земја и понатаму ќе продолжи.
Македонија рече таа нема друг избор освен да продолжи цврсто во исполнување на приоритетите што ќе обезбедат место во европското семејство.