Српскиот парламент затворен од безбедносни причини, граѓаните се подготвуваат за најголемиот протест

View of the House of the National Assembly of Serbia in Belgrade

Српскиот парламент соопшти дека од безбедносни причини зградите на Народното собрание ќе бидат затворени од денеска до понеделник со цел да направат се што е во нивна моќ најавениот митинг на 15 март во Белград, пред Народното собрание, да се одвива без никакви инциденти.

„Почитувани пратеници и вработени во Народното собрание, ве известуваме дека врз основа на безбедносната оценка на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се избегне каков било, макар и минимален простор за предизвикување потенцијални провокации и конфликти, генералниот секретар на Народното собрание одлучи зградите на Народното собрание, имено Домот на Народното собрание, Трг Никола Пашиќ да бидат затворени Петок, 14 март до 16 март 2025 година на полноќ“, се вели во одлуката.

Во меѓувреме студентите во блокада објавија план за дочекот на пешаците, маратонците и велосипедистите кои пеш тргнаа кон главниот град во пресрет на утрешниот собир во Белград. Локација за дочекот ќе биде – Теразије, од 19 часот. Од 19:30 часот е планиран првиот дочек на велосипедисти, а дочекот на последната група пешаци, според планот, ќе се случи помеѓу 21:45 и 22:45ч.

Се очекува дека во Белград до сабота да пристигнат илјадници луѓе од цела Србија, а на улиците ќе бидат и граѓаните на Белград, веројатно во голем број, бидејќи поддршката за протестите продолжува и покрај кампањата на Вучиќ против нив.

Протестите започнаа како спорадични демонстрации чиишто учесници бараат одговорност за смртта на 15 лица при падот на настрешницата во Нови Сад, но брзо прераснаа во национално движење насочено кон прашања како што се барањата за големи демократски реформи.