ЕУ ги укина за четири поединци, за другите ги продолжува санкциите за вклученост во руската инвазија на Украина

Земјите-членки на Европската унија во петокот се согласија да го продолжат режимот на санкции за над 2.400 правни и физички лица кои беа казнети „за помагање“ на руската инвазија на Украина, информираа дипломатски извори.

Преговорите траеја неколку дена, бидејќи тековниот период на санкции истекува во сабота во 23,59 часот, во спротивно санкционираните лица би можеле да пристапат до нивните замрзнати средства.

Унгарија до последен момент го блокираше договорот барајќи отстапки, поточно некои од имињата да се тргнат од списокот со санкции. Четири лица беа отстранети од списокот, а Унгарија побара тоа да се однесува на девет поединеци.

Засега е познато дека рускиот олигарх Михаил Фридман останува на списокот, иако Будимпешта побара тој да биде избришан од списокот.

Станува збор за санкции кои се однесуваат на правни и физички лица, но не и за економските санкции, кои меѓу другото вклучуваат и замрзнување на околу 200 милијарди евра на руската централна банка. Тие беа продолжени во јануари.