Осуманесет од повредените се во критична состојба, најтешко повредените ќе се транспортираат во врвни европски болници

Министерот за здравство Арбен Таравари ја информираше јавноста дека 18 од хоспитализираните пациенти се во критична состојба.

Тараври изјави дека повредени од пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени низ државните болници и на Клинички центар во Скопје и на сите им е укажана медицинска помош. Засега имаат капацитети државните болници да ги згрижат сите повредени, а била понудена помош и од држави од соседството.

„Во моментов 118 лица се згрижени низ болниците во државата – во Кочани, во Штип, во болнците тука. Сега одиме во Клиничка болница на хирургија и на Карил да видиме каква е состојбата. Неколку има на Пластична хирургија на детска хирургија. Сите детални информации ќе ви ги дадеме. Тоа што е најбитно дека нема пациент којшто не е тријажиан, што не е сместени низ болнците во државата. Сите наши капацитети се ставени во функција и се надевам дека ќе дадеме максиум од себе за да спасиме што повеќе животи на децата на коишто им се случила трагедијата“, изјави Таравари.

Таравари на прашањето дали има доволно капацитети на Клинички центар, хируршките клиники и дали може таму да се згрижуваат најтешко болните на кои им е потребно интензивно лекување, со оглед дека беше најавено реновирање на КАРИЛ, тој посочи дека тоа е одложено.

Во овој момент има доволно крв и нема потреба од дополнителни крводарителски акции за повредените во страотната несреќа во Кочани, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов

„Воедно ги имаме сите неопходни материјални средства и немаме потреба од било какви донации.

Има понуди за помош од повеќе држави. Се вршат подготовки за транспорт на тешко повредените лица во врвни болници од оваа област во неколку европски држави.

Немаме зборови со кои може да се опише тагата од оваа ужасна несреќа. Сочувство до семејствата кои ги изгубија своите најблиски“, вели Ангелов.