
Спектаклот во Лондон кој сите го очекуваа изостана. Рожер Федерер поради болки во грбот беше приморан да се повлече од финалето на завршниот Мастерс годинава, и со тоа без борба да му ја препушти титулата на Новак Ѓоковиќ.
Мечот беше закажан за 19 часот, но пред да започне почетокот Федерер се појави во арената “О2” и го откажа своето учество во финалето. Тој нагласи дека пробал се што може за да биде способен за игра меѓутоа болките не прекинувале, па единствено што му останало е да го откаже настапот во финалето.
И светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ истакна дека иако е среќен што повторно ја освои титулата во Лондон, не сакал тоа да го стори на ваков начин.
“Нормално дека ова не е начинот на кој сакав да го освојам трофејот. Секако дека тоа не го сакаше ни Рожер бидејќи верувам дека доколку беше подготвен, ќе излезеше на терен” – изјави Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер додаде дека му е жал и за публиката во арената „О2“.
“Ова требаше да биде финале на најдобрите двајца тенисери во светот, првпат нема да биде одиграно и многу ми е жал поради тоа. Јас имав многу успешна сезона, овде веќе три години сум непоразен. Ова ја круниса сезоната, јас и мојот тим сме задоволни од тоа што го постигнавме” – вели Ѓоковиќ.