Македонија во црно, а средношколци на екскурзија „мораат“ во диско!

На средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, кои се на неколку дневна екскурзија (Прага, Дрезден, Виена), вечерва во Прага им се вршело силен притисок од нивните професори, да одат во дискотека, иако најголем дел од децата, сочувствувајќи со големата катастрофа во Кочани, не сакале.

Отсуство на емпатија, чувството на морал, сплотеност и поддршка се веќе одомаќинети вредносни норми и честа слика на македонското општество со децении наназад.

За жал, поделеноста, губењето на човечноста и искрен однос во моменти кога Македонија е во тага поради загубата на 59 млади животи, повторно излегува на површина, овој пат, таму каде што е неприфатливо, во образовните институции.

Имено, според информации на „Нетпрес“, на средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, кои се на неколку дневна екскурзија (Прага, Дрезден, Виена), вечерва во Прага им се вршело силен притисок од нивните професори, да одат во дискотека, дури и со закани за реперкусии, бидејќи тоа било според планираната програма, иако најголем дел од децата, сочувствувајќи со големата катастрофа во Кочани, не сакале. Причината за притисокот, навидум, не е  многу суштинска, барем како што им се претставувало на учениците – картите се веќе платени и едноставно мора да се оди, бидејќи враќање на парите нема.

По големи расправии, дел од класовите добиле поддршка од своите класни раководители да останат вечерва во хотелот, но, сепак „погласни“ биле професорите кои бурно се спротивставиле и вршеле притисок дека треба да се оди на забавата, нудејќи дури и некоја подобна варијанта – во диското да се пушта музика од ДНК.

Загрижен родител кој бил во контакт со своето дете кое сведочело за вознемирувачката ситуација во која деца под притисок на професори отишле вечерва да се забавуваат во дискотека, за „Нетпрес“  изјави:

„Се прашувам, каде се изгубија етиката, моралот, сочувството? Дали учениците се на поголемо ниво на свест од своите професори? Во денови кога цела Македонија е завиена во тага, учениците од СУГС „Корчагин”, трета година, се на екскурзија во Прага, организирана од „ТА Ројал Стар Травел“. Во план беше одење во диско, вечерва, и утре вечер. Со оглед на трагедијата која се случи во Кочани, голем број од учениците, поддржани од своите родители, и класните раководители, одлучија да останат во хотелот. За жал, одреден број на класни раководители вршат притисок врз учениците кои не сакаат да одат во диско, со образложение дека парите се веќе уплатени, а почитта ќе ја покажале преку слушање на песни од ДНК?!
Голема група на ученици предложија парите наменети за дискотеката, да бидат донирани на семејствата на загинатите, но, некои од организацијата, изјавиле дека парите се неповратно дадени“.

Од осум класа во оваа скопска гимназија, учениците од два класа вечерва останале доследни на својот избор, сочувствувајќи со тагата за згаснатите млади животи во најголемата трагедија што ѝ се случила на земјава.

Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедија со 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“.