Турските власти наредија притвор на градоначалникот на Истанбул

Турските власти наредија притвор на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, и на стотина други лица, меѓу кои и новинари и еден бизнисмен, како дел од истрагата за корупција, објави во средата порталот Sabah.

Советникот за медиуми на истанбулскиот градоначалник Мурат Онгун рано во средата напиша на социјалната платформа Х дека Имамоглу е приведен, без да наведе причина. Имамоглу, пак, исто така на Х објави дека „стотици“ полицајци се пред неговата куќа, додавајќи дека тој нема да се повлече, туку ќе се исправи пред притисокот.

Според снимките во живо што ги емитуваше на телевизијата CNN Turk, пред куќата на Имамоглу беа присутни десетици полицајци од силите за справување со улични безредијата. Полицијата го претресува неговиот дом како дел од истрагата, објави телевизијата.

Универзитетот во Истанбул во вторникот објави дека поради нерегуларности ја поништил дипломата на Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, нанесувајќи ѝ удар на опозицијата, која наредните денови требаше да го избере за претседателски кандидат.

Без универзитетска диплома, градоначалникот на Истанбул од главната опозициска Републиканска народна партија (CHP) не може да се кандидира за претседател.

Имамоглу рече дека одлуката на Универзитетот е незаконска и надвор од неговите надлежности и дека ќе се жали до судот. „Ќе ја донесеме оваа незаконска одлука на суд и ќе се бориме против неа“, рече тој, додавајќи: „Не верувам во правични одлуки“.

Владата на Ердоган негира дека врши политички притисок врз судовите и тврди дека судството е независно. Одлуката е донесена во контекст на зголемената правна репресија против опозициските политичари, особено Имамоглу, против кого се покренати неколку обвиненија. .