Во израелското бомбардирање на Газа убиен бугарски државјанин вработен во ОН

Бугарски државјанин, вработен во Обединетите нации, е убиен во средата во Појасот Газа, соопшти Министерството за надворешни работи во Софија, повикувајќи се на првични информации.

Министерството извести дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако Бугарија ќе биде информирана за исходот од истрагата што ја спроведуваат надлежните органи за околностите на инцидентот.

Сè уште не е разјаснето дали загинатиот Бугарин е странскиот државјанин за кој Министерството за здравство на Газа објави дека е убиен во средата во израелски воздушен напад врз седиштето на ОН во центарот на Газа.

Израелската војска продолжи со бомбардирањето на Газа и издаде нови наредби до жителите да се евакуираат од борбените зони.

Обединетите нации во средата повикаа на истрага за нападот на две локации на ОН во Газа, за кој ОН соопштија дека убил еден од нивните вработени, а ранил уште пет други.

„Генералниот секретар силно ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. Тој нагласува дека сите конфликти мора да се водат на начин кој гарантира почитување и заштита на цивилите“, изјави заменик-портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак на прес-конференција.