ВМРО-ДПМНЕ го повикува лидерот на СДСМ, Зоран Заев да објави се’ што има да објави, по неговата најава за „бомба“ информација, која за три дена би ја натерала владата со наведната глава да се повлече.
„Веќе подолг временски период опозицијата во нашата држава најавува некакви бомби, изненадувања, пумпа атмосфера и креира некоја лажна еуфорија за сопственото членство. Така, таа бомба, според нив, ќе треба да ја натера владата со наведната глава да се повлече. Таа бомба задирала во меѓуетничките односи, и во којзнае уште што, таа бомба можела да наштети на државата, но сепак тие, иако не сакале, ќе ја активирале. Па имаше и разни шпекулации што се содржи таа бомба, па нагаѓања, со цел кај јавноста да се создаде свесност и исчекување на темите кои опозицијата сака да ги наметне. Исто така, во целата таа нивна еуфорија, бевме прозивани ако сме биле чесни да побараме од нив да го објават тоа што го имаат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму, во текстот се посочува дека владејачката партија е подготвена за сите можни сценарија, свесни за сопствените вредности и принципи, и водени од интересите на државата и нашите граѓани.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш досега, а ниту во иднина нема да подлегнува на притисоци и уцени, и вакви сценарија, без разлика од кого доаѓаат. Со уцени и притисоци и со непринципиелен и неодговорен пристап не се постигнува ништо, и ние тоа ќе го докажеме. ВМРО-ДПМНЕ останува посветен на програмските определби и ветувања кон граѓаните, а што се однесува до СДСМ може слободно да прави буквално како што сметаат дека треба, ние не веруваме дека тоа е начинот на кој се постигнува доверба кај граѓаните.