Шешељ продолжува со провокациите

На Интернет страницата на Српската радикална партија (СРС) е објавен текст во кој Воислав Шешељ на српските четници им го честита „денот на ослободувањето на српскиот Вуковар“, јави ХРТ.

– На денешен ден пред 23 години српските четници, по тримесечни јуначки борби, го ослободиле Вуковар од усташките паравоени единици. Српскиот Вуковар беше првиот ослободен српски град, кој, без борба, со помош на режимот во Белград, е предаден на усташката хрватска држава, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на СРС.

Во соопштението се наведува дека Воислав Шешељ и неговата Српска радикална партија никогаш нема да се откажат од ниту еден педа на српската држава и ќе сторат се Српската Краина и српскиот Вуковар повторно да бидат во состав на Голема Србија.

Инаку ова е уште една провокација на Воислав Шешељ откако Хашкиот суд го ослободи на привремена слобода.