Вориорс подобри од Лејкерс, 37 поени од Кари

Во дербито на вечерта во НБА лигата, Голден Стејт Вориорс на гости ги победија Лос Анџелес Лејкерс со 123:116. Тоа беше четврта последователна победа на Вориорс, кои го држат петтото место на Западот со 45 победи и 31 пораз, додека Лејкерс се чекор погоре со скор 46-30.

Гостите поведоа на крајот од првата четвртина и не го испуштија водството до крајот на мечот. Во некои моменти имаа и 16 разлика. На четири минути до крајот Лејкерс ја намалија негативата на пет поени (100:105), но Вориорс брзо побегнаа на +10 и го приведоа мечот кон мирна завршница.

Стивен Кари го предводеше победничкиот тим со 37 поени, додека Брандин Поџиемски додаде 28 со рекорд на кариерата со осум постигнати „тројки“ во кариерата. Џонатан Куминга постигна 18 поени, а Џими Батлер седум од своите 11 поени во последната четвртина.

„Поставивме цел да се обидеме да го подигнеме нивото на нашата игра за да се подготвиме за плеј-офот. Знаеме дека секој натпревар е важен. Интензитетот беше луд, но тоа е нешто што го сакаш, нешто за што треба да играш, да работиш, дефинитивно е нешто посебно“, изјави Кари за телевизијата ТNТ.

Кај домаќините се истакнаа Леброн Џејмс со 33 поени и девет асистенции и Остин Ривс со 31 поен. Лука Дончиќ постигна 19 поени со шут за „тројки“ 0-6.

Предводени од големиот Јанис Адетокумбо, Милвоки Бакс на гости ги победија Филаделфија 76ерс со 126:113. Адетокумбо натпреварот го заврши со 35 поени, 20 асистенции и 17 скока. Брук Лопез додаде 17 поени, а Кајл Кузма 16.

Кај домаќините, кои беа без шест играчи, меѓу кои Тајрис Макси, Џоел Ембиид и Пол Џорџ, се истакна „дебитантот“ Адем Боно со рекорд во кариерата од 28 поени при шутирање 13-15. Квентин Грајмс постигна 24 поени со 10 асистенции, а Гершон Јабуселе додаде 22 поени.

Бакс се петти на Истокот со 42 победи и 34 порази, додека Сиксерси се 13-ти на Истокот со скор 23-54.

Победа на гостински терен оствари и Орландо совладувајќи го Вашингтон со 109:97 и со тоа му го нанесе 60-от пораз сезонава. Најефикасен во тимот на Меџик беше Паоло Банчеро со 33 поени, 18 скока и осум асистенции, додека Франц Вагнер додаде 27 поени. Во тимот на Вашингтон најефикасен беше Буб Карингтон со 32 поени, девет скока и седум асистенции.

Орландо е седми на Истокот (38-40), додека Визардс се последни со 17 победи и 60 порази.