Премиер лига: Без голови во дербито на Манчестер, Фулам го совлада Ливерпул

Дербито на Манчестер меѓу фудбалерите на Јунајтед и Сити одиграно во рамките од 31. коло на англиската Премиер лига во неделата на „Олд Трафорд“, заврши без голови.

Не недостигаа возбудувања пред двата гола, но немаше играч кој можеше да ги совлада расположените голмани, Андреа Онана од Јунајтед и Едерсон од Сити.

Манчестер Сити е на петтото место на седум кола до крајот, со 52 бода, еден помалку од четвртопласираниот Челзи. Манчестер Јунајтед е на 13-та позиција со 38 бодови.

Фудбалерите на Фулам го победија лидерот Ливерпул со 3:2 на својот терен „Крејвен Котиџ“. Ливерпул поведе во 14. минута со голот на Алексис Мек Алистер, но домашните до крајот на полувремето постигнаа три гола. Рајан Сесењон израмни во 23. минута, а Алекс Ивоби во 32. и Родриго Муниз во 37. минута дадоа два гола за Фулам. Во вториот дел, во 72. минута Луис Дијаз ги врати надежите на Ливерпул за пресврт, но избраниците на Арне Слот не успеаја да го избегнат вториот првенствен пораз сезонава.

Ливерпул и натаму е на врвот на табелата со 73 бодови, додека второпласираниот Арсенал заостанува 11 бодови. Фулам скокна на осмата позиција со 48 бодови.

Саутемптон го претрпе 25-от пораз сезонава, губејќи од Тотенхем со 3:1 и со тоа и математички ја загуби шансата да остане во Премиер лигата. Двоен стрелец за Тотенхем беше Бренан Џонсон (13, 42), а конечните 3:1 ги постави Метис Тел од пенал во петтата минута од судиското продолжение на крајот од натпреварот. Стрелец на почесниот гол за Саутемптон беше Матеус Фернандеш во 90. минута.

Тотенхем е на 14-то место со 37 бодови, а Саутемптон е последен со само 10 бодови.

Сепак, иако ни математички не можат да се спасат од испаѓање во Чемпионшип, играчите на Саутемптон имаат цел до крајот на сезоната да не завршат со помалку од 11 бода, што е негативен рекорд на Премиер лигата, кој го држи Дерби Каунти.

Во првиот натпревар од неделната програма Брентфорд и Челзи одиграа без голови. Челзи се задржа на четвртата позиција на табелата, додека Брентфорд е 12-ти со 42 бодови со сѐ уште теоретски шанси за пласман во европските натпреварувања следната сезона.