
На вчерашната седница, Владата одлучила да им наложи на институциите во наредните два дена да ги испитаат информациите за наводниот реекспорт на земјоделски производи од ЕУ во Русија, а во деталните анализи ќе бидат вклучени МВР, Царинската управа, Агенцијата за храна и земјоделство и Државниот инспекторат за земјоделство, соопшти денеска министерот за економија Беким Незири, објави МИА.
– Ќе направиме детално истражување и ако утврдиме дека постои такво нешто, ќе се преземат сите законски мерки за покренување кривични постапки против поединците или фирмите кои го напрвиле тоа – изјави Незири.
Според него, од руска страна има само сомнеж дека Македонија извезува овошје и зеленчук од ЕУ во Русија, но тоа не е докажано.
Одговорајќи на новинарско прашање, заменик амбасадорот на САД, Бартон Путни, порача дека земјите од региoнот имаат огромен потенцијал за меѓусебна соработка и на тоа треба да се фокусираат.
Руската служба за ветеринарен и санитарен надзор побарала од македонските служби во рок од една недела да пратат материјали за системска проверка на извезените производи, како и заклучоци за автентичноста на фитосанитарните сертификати.
Македонија треба да докаже дека овошјето и зелечнукот што ги извезува во Русија се македонски.