Очигледно е дека неиграњето изминатиов период оставило трага врз формата на Лестер Бо Мекејлеб, а тоа најдобро можеше да се види на вчерашното деби за Баерн Минхен, на кое поранешниот репрезентативец на Македонија постигна само 4 поени (2/8).
Иако Мекејлеб се најде во стартната петорка, сепак и тој а и целиот тим на Баерн делуваше индиспонирано и некоординирано, што на крајот резултираше и со убедлив пораз на домашен терен од 77:99.
Хуертас, Нахбар и Наваро со по 15 поени го предводеа каталонскиот гигант до триумф на овој меч, пред Томас со 13 и Доелман со девет поени. Најпрецизни во таборот на Баерн при овој убедлив пораз беа Бенцинг и Џедовиќ со по 12 поени.
Ова беше петти пораз за Баерн во шестиот меч од Евролигата сезонава, по што тимот на Мекејлеб се наоѓа пред сериозен предизвик за да стигне до пласман во Топ 16 фазата од елитното европско натпреварување.
Евролига резултати:
ЦСКА Москва – Алба Берлин 95:66, Уникс Казан – Анадолу Ефес 67:64, Нептунас – Лаборал Куча 80:79, Олимпијакос – Валенсија 77:76, Лимож – Макаби 73:79, Туров – Панатенаикос 69:79, Армани Милано – Фенребахче 74:80.