Комисијата за верски и религиозни прашања, група пратеници од Собранието на Република Македонија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија упатија осуда за навредите што реисот Сулејман Реџепи ги упати до Македонците со исламска вероисповест. Тие сите го повикуваат реисот да не настапува како лидер или портпарол на политичка партија туку како предводник на втората по големина религиозна заедница во републиката.
Постојат Торбеши, а не Македонци-муслимани, кои се ин витро-нација, која ја измислува владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ како своја сатанска активност за да создадат нација на антички луѓе и да останат на власт!? Накратко, ова е ставот што реисот Сулејман Реџепи го искажа во неговиот текст „Раѓањето на ин-витро нацијата“ во однос на постоењето на Македонците со исламска вероисповест.
Ставовите на реисот вчера остро беа осудени од страна на Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија. Тој предупредува дека целта на ваквите тврдења, како и на оние што се појавуваа и порано, е да се расцепи македонската заедница.
– Сето тоа е само една смислена стратегија на ИВЗ со која се сака Македонците-муслимани да се одвојат од своето национално македонско ткиво. Се плашам дека реисот, кој е на чело на верската заедница што се грижи за верскиот живот на муслиманите во земјава, ќе даде налог до своите имами да почнат да држат проповеди дека не постојат Македонци-муслимани, туку само Торбеши. Еден духовник не може така да настапува кога е во прашање нечие национално чувство – потенцира Бојда.
Тој го прашува реисот Реџепи како може да го признава постоењето, на пример, на Албанци-муслимани, католици, православни, а не може да сфати дека постојат и Македонци со исламска религија.
– Ако не постојат Македонци-муслимани, туку Торбеши, и Албанците се Торбеши, бидејќи и тие своевремено го примиле исламот. Ова е навреда за сите Македонци, која доаѓа од ИВЗ, која дејствува како канцеларија на политичка партија на албанскиот политички блок – нагласува претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија.
Претседателката на Комисијата за верски и религиозни прашања Валентина Божиновска упати остра реакција на изјавата на Реисот Реџепи во која посочи дека реисот Реџепи за жал уште еднаш се огласува небаре е претседател на политичка партија, а не претседател на втората по големина верска заедница, Исламската верска заедница. Таа прашува дали личи и приличи првиот човек кој треба да биде гласник на обединувањето, помирувањето, љубовта, кој треба да биде пример на нацијата со богоугодни зборови и реторики, сурово да ги нападне Македонците муслимани?
„Кој верски лидер се дрзнува да го скрши македонското национално ткиво и луѓето кои во одреден историски период беа исламизирани и кои се чувствуваат како Македонци, да ги нарече ин витро нација. Што сте вие, Ефенди? Претседател? Потпретседател? Портпарол на одредена политичка партија? Или, верски лидер чија задача е да постапува разумно, мудро и да не ги загрозува високите човечки морални вредности? Убаво би било да тргнете еден ден по Река, да појдете во Жировница, во Велебрдо, во Ростуше и да го слушнете тој најубав певлив македонски јазик, тоа ретко патриотско чувство кое го имаат за македонската држава, тие прекрасни духовни луѓе кои и се чувствуваат Македонци и дишат на македонски и според ликата и приликата на еден поединец не е важно колку ги има по број, важно е колку се корисни како поединци во државата. Тие се, Ефенди, и корисни и духовни и по јазикот и по чувството им македонско и по ставот им национален македонски. Имаат право на сопствена вероисповед и на сопствено национално чувство“ , стои во реакцијата што денеска претседателката Божиновска ја упати во јавноста.
Со осуда за изјавата на реисот денеска се произнесе и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Припадноста на еден човек кон одреден народ е детерминирана од неговиот јазик, култура, традиција и чувство за припадност и никој, ниту партија, ниту верска организација, а најмалку поединец не може тоа на вештачки начин да го менува и оспорува. Македонците со исламска вероисповест се неотуѓив и неразделлив дел од македонскиот народ. Тие кај себе го зачувале и најубавиот македонски говор и најубавите македонски песни, дел од македонските национални традиции. Навредата спрема Македонците Муслимани е навреда за целиот македонски народ, без разлика дали некој по религија е Муслиман или пак е Православен, Католик, Протестант, Евреин, припадник на друга религиозна група или атеист“ , стои во соопштението што денеска владејачката партија го упати во јавноста.
Од ВМРО – ДПМНЕ велат дека изјавата на Реисот е пример како не треба да се постапува во општество во кое традициите, вредностите и културните различности се богатство и изразуваат жалење што Реисот покажа дека нему верата му е незначајна, а значајни му се политичките и партиски агенди.
Понатаму во соопштението се вели дека со оваа навреда, Реисот Реџепи, директно задира во македонскиот идентитет. Како поглавар на ИВЗ, Реисот Реџепи треба подеднакво да се грижи за националните чувствата на сите муслимани во Македонија, на Албанците, Македонците, Турците , Ромите, Бошњаците и други и во никој случај да не дозволи тие преку верата да бидат национално асимилирани.
„ИВЗ не им припаѓа ексклузивно на Албанците и не смее да биде инструмент за политизација, бидејќи ако се користи за политички или етнички цели, тогаш ја губи вистинската улога која ја има“, велат од владејачката партија и го повикуваат Реисот Реџепи да се извини за својата изјава и да покаже дека тој е верски поглавар на сите муслимани во Македонија, без разлика на нивната јазична или етничка припадност“, стои во соопштението.
Со свој став денеска излегоа и пратениците во Собранието на Република Македонија Фатмир Имеровски, Нола Исмаjлоска и Алим Билали.
„Македонците Муслимани се реалност која постои денес, но постои и со децении и векови наназад на територијата на Македонија и пошироко. Никој освен нас самите не може и не смее да си дозволи да ни кажува кои сме и какви сме. Ние знаеме кој јазик го говориме денес, но и кој јазик го говореле нашите баби и дедовци. Ние знаеме кои песни ги пееме, но и кои песни ги пееле нашите предци. Ние си ја знаеме нашата историја и традиција и длабоко си ја почитуваме“, изјавија пратениците.
Во однос на изјавата на реисот, Нетпрес се обиде да стапи во контакт со ПЕИ, но безуспешно. Сепак, познато е дека некои здруженија на Македонците со исламска вероисповест потпомогнати од ПЕИ ова прашање го актуелизираа во 2011 та година кога беше побарано со посебна Торбешка повелба усвоена на Првиот Торбешки форум, да бидат запишани во преамбулата на Уставот, како Торбеши.