Независниот полициски синдикат бара измени на Законот за извршување санкции

Претставници на гранковиот независен синдикат на полицијата со мирен протест пред Министерството за правда побараа итно донесување на измените на Законот за извршување санкции, укажаа на потребата од правилна пресметка на платите, примање нови луѓе во затворската полиција, како и обезбедување униформи. Воедно изразија незадоволство од работата на директорот на Дирекцијата за извршување санкции Новица Стојановиќ кој, како што рекоа, само ја продолжил праксата на своите претходници.

Ако наскоро Стојановиќ не ги прими на средба и не покаже волја за надминување на проблемите, Синдикатот најави радикализирање на протетсите.

Имаме проблем со пресметката на платата за вработените, а еве, веќе година дена, никој ништо не презема иако е назначен и нов директор на Дирекцијата. Платата не ни се пресметува според Законот. Ова го потврдуваат и преку 250-те тужби на моите колеги кои поминаа во судовите и сега матичната институција во која сме вработени треба да ни исплати по околу 3.000 евра. Сега почнуваме втората тура тужби, изјави Антонио Стојчевски од Независниот синдикат на затворската полиција и администрација.

Дополнителен проблем е и ограничувањето на дополнителните, прекувремени работни часови до максимум 130 во годината, што го вовеле претходните директори, и за кои на затворската полиција и следуваат слободни смени.

Се порадувавме дека со смената ќе дојдат подобри денови, но истата работа продолжува. Дури е и полошо. Прво ни ги ограничуваа часовите на 150, а сега се сведени на 130. Не се набавени ниту нови униформи веќе 10 години, а директорот Стојановиќ од февруари годинава тврди дека е во тек тендер за 560 зимски униформи. А што правиме со летните, дополни Стојчевски.

Независниот синдикат со претставници на шумската полиција денеска одржаа и состанок со претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На средбата се разговараше за потпишување на Колективниот договор, и при тоа беше договорено да се формира работна група за да се подготви Колективен договор кој што ќе придонесе за поголема ефикасност на Шумската полиција и зголемување на платите на вработените во  Шумската полиција. Во Работната група ќе учествуваат претставници од Независниот синдикат на полицијата, Синдикатот на УПОЗ, како и претставници од МЗШВ. Документот кој што ќе произлезе ќе биде потпишан од двете страни, велат од МЗШВ.

Од министерството велат дека веќе се спроведува процедура за обезбедување на финансиски средства за купување на униформи за шумската полиција,  а во фаза подготовка е и тендер од 1 милион денари за внатрешно уредување на просториите на шумско-полициските станици.