Ајатолахот Хамнеи им порача на Иранците да не се грижат за земјата додека се трага по претседателот Раиси

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Сејед Али Хосеини Хамнеи ги повика во неделата Иранците да не се грижат за земјата додека продолжува потрагата по хеликоптерот со претседателот Ебрахим Раиси, кој доживеал несреќа во северозападниот дел на Иран. Истовремено, владини функционери ги негираа информациите дека е наводно пронајден хелипотерот

„Иранскиот народ не треба да биде загрижен, нема да има превирања“ во земјата, рече Али Хамнеи и изрази надеж дека „Бог ќе ги врати претседателот и неговите колеги во рацете на нацијата“.

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на Иран се урнал во неделата додека летал над планинска област во густа магла на враќање од границата со Азербејџан, рекол неименуван ирански официјален претставник за Reuters кој сакаl да остане анонимен.

Ирански официјален претставник изјави дека животите на Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан „се загрозени по падот на хеликоптерот“.
„Сѐ уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, рече тој.

Иранските државни медиуми јавија дека лошите временски услови се причина за несреќата и ги отежнуваат спасувачките операции. Командантот на Генералштабот на иранската армија нареди сите ресурси на армијата и елитната Револуционерна гарда да бидат ангажирани во операциите за пребарување и спасување во тешко простапниот терен.

Се очекува спасувачите да стигнат до можното место на несреќата во недела навечер. Според некои ирански функционери, се урнал еден од трите хеликоптера кои летале заедно со оној во кој бил и претседателот Раиси. Други извори навеуваат дека хеликоптерот со претседателот имал тешко принудно приземјување, но дека наводно имало контакт со неговото обезбедување што го придружувало и нема информации за настрадани.

Во меѓувреме, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави во неделата дека е длабоко погоден од веста за падот на хеликоптерот на иранскиот претседател, откако претходно истиот ден се прости пријателски со Ебрахим Раиси со кого присуствуваа на промоција на енергетски проект на двете земји, и понуди помош за Иран, како и на Ирак. Раиси отпатува до границата со Азербејџан за свеченото отворање на браната Киз-Калаиси, што беше заеднички проект.

„Денеска, по пријателската разделба со претседателот на Исламската Република Иран, Ебрахим Раиси, длабоко сме погодени од веста за падот на хеликоптерот во Иран во кој се наоѓаше највисоката делегација. Како сосед, пријател и како братска земја, Република Азербејџан е подготвена да понуди секаква неопходна помош“, рече Алиев.

Ирак, исто така, му понуди помош на соседен Иран во напорите за потрага и спасување.

Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани „побара од Министерството за внатрешни работи, ирачката Црвена полумесечина и другите релевантни тела да и помогнат на Исламската Република Иран во потрагата по хеликоптерот на иранскиот претседател“, изјави владиниот портпарол.