„A, где је микрофон?“, Арсовска со лажна пријава за кражба

Припадници на Министерството за внатрешни работи, по налог на скопската градоначалничка Данела Арсовска правеле увид денеска во просториите на Град Скопје во потрага по микрофонот кој се користи на седниците на градскиот Совет.

Полицајците, имено, упадале во кабинетот на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, по што било утврдено дека микрофонот не е украден и дека пријавата на градоначалничката Арсовска е лажна.

Претходно денеска на седницата на Советот јавноста беше сведок на надмудрувања и вербални препукувања меѓу Арсовска и Славески. Откако Славески рече дека никој не може да се обрати од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот.

Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески ѝ порача дека уште еднаш ја предупредува оти не може да зборува од говорницата и да дојде напред наместо да седи во „магарешка клупа“ на крајот од салата.

Гrадоначалничката со поставен мобилен микрофон излезе на говорницата и го обвини Славески за кражба на микрофонот.

„Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Немате никаков интегритет”, рече Арсовска.

Славески возврати со давање пауза, а потоа рече дека ѝ го одзема правото на збор на Арсовска затоа што го кршела деловникот, вршела опструкции и недолично се однесувала.

Арсовска, шетајќи по салата, велеше дека не може да ѝ се одзема правото за збор и го викаше Славески деспот, по што тој ја прекина седницата.