АА: Спасовски продолжува да инсистира во неговиот шовинистички менталитет

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го оцени предлогот на Алијанса за Албанците и Алтернатива како политички памфлет и рече дека од него не може да се сфати што сакаат предлагачите, како и дека не нудат трајно решение.

На ова реагираше опозициската партија Алијанса за Албанците (АА) по изјавата на Спасовски за измените во Законот за државјанство.

– Предлагач на Законот за државјанство е коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, така да мислења ниту сме барале ниту ќе бараме од вас, а ниту МВР има право да дава мислење за законот. Спасовски раководи со институција која ги дискриминира своите граѓани по етничка основа, лишувајќи им го правото на државјанство. Го покануваме министерот Спасовски да го објави бројот на лица без државјанство и да се откаже од тенденцијата за замаглување на јавноста со бескорисни писма и мислења, бидејќи немаме потреба за мислење од нив – велат од АА.

Тие упатуваат критики и за заменикот на Спасовски во МВР, Назим Буши од ДУИ, велејќи дека е срамота што го толерира расизмот и шовинизмот кон Албанците.

Дебатата и сите постапки за предметниот закон, велат од партијата, се одвиваат во Собранието и во согласност со деловникот за работа на Собранието.

Од оваа партија во декември 2020 поднесоа предлог во парламентот со кој законски ќе се овозможи македонско државјанство да може да се обезбеди со изјави на три лица кои ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на земјава од 8 септември 1991 година. Другата опција е изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè уште живее во местото во кое живеел барателот.