Абас порача дека акциите на Хамас не ги претставуваат Палестинците

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека активностите и политиките на исламистичкото движење Хамас не го претставуваат палестинскиот народ, извести во неделата ноќта службената палестинска новинска агенција WAFA.

Во телефонскиот разговор со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, Абас исто така рекол дека неговата Палестинска ослободителна организација (PLO), којашто обединува десетина фракции и крила, е „единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ“, се истакнува во извештајот на WAFA.

„Претседателот потврди дека го отфрла убивањето на цивилите од двете страни, и повика на ослободување на цивилите, заробениците и заложниците од двете страни“, се додава во извештајот на агенцијата.

Малку претходно венецуелскиот претседател Николас Мадуро соопшти дека телефонски во неделата разговарал со Махмуд Абас за ситуацијата во Газа, и оти побарал воспоставување коридор за хуманитарната помош на тамошното население.

Во објавата на социјалната мрежа Х, Мадуро ги осуди „неселективните напади на Израел врз цивилното население, кои предизвикуваат смрт и ранувања на илјадници луѓе“, за што наведе дека е мината „линијата на почитување на меѓународното хуманитарно право“.

Мадуро наведува и дека му порачал на Абас дека Венецуела ќе испрати повеќе од 30 тони хуманитарна помош во следните неколку денови, што ќе биде почеток на реализација на планот за пружање „директна и постојана поддршка на палестинскиот народ“ преку воспоставените канали.

Двајцата челници се согласиле околу неопходноста од итен прекин на огнот во Појасот Газа и за отворање на коридорот за хуманитарна помош за населението во кои енклавата со која владее Хамас откако во 2007 година ги протера фунцкионерите на владата на Палестинската самоуправа.

Мадуро наведува и дека заедно со Абас ги разгледале иницијативите, вклучително и оние од Кина и од Египет, за свикување глобална конференција за мир и „повторно воспоставување на меѓународните закони“.