Абазовиќ: Опремата украдена од Дубровник пред три децении пронајдена на црногорските аеродроми

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ во вторникот објави дека за време на пописот на имотот на црногорските аеродроми, пронајдена и евидентирана е опрема за која постои сомневање дека била украдена од аеродромот Чилипи во текот на нападот на тогшната ЈНА на Дубровник во периодот 1991/1992 година.

Абазовиќ на социјалната мрежа Facebook објави фотографии од опремата за која се верува дека е украдена од Чилипи и напиша дека е испратена до црногорското обвинителство.

„По 30 години, благодарение на раководството на Аеродроми на Црна Гора, при попис на имотот на оваа државна компанија, пронајдена и евидентирана е опрема за која постои сомневање дека била украдена од аеродромот Чилипи за време на нападот на Дубровник во 1991-1992 година, најсрамните страници од црногорската историја напишани од тогашното раководство на Црна Гора“, напиша Абазовиќ.

Додава дека за разлика од претходните влади, оваа не бега од минатото, туку се соочува со него за идните генерации да не ги повторуваат истите грешки.

„Водиме транспарентна политика, исправаме бројни неправди и извлекуваме важни историски лекции. За сето ова денеска беше информирано и надлежното обвинителство, а за истото Министерството за ндворешни работи преку официјални канали ќе ги информира колегите од Хрватска“, вели Абазовиќ.

Дел од опремата што ЈНА и црногорските резервисти ја украле од Чилипи, се верува дека завршила на аеродромот во Тиват, а најголемиот дел на аеродромите во Подгорица, Белград и Ниш.

Вредноста на опремата што е украдена од аеродромот во Дубровник, според тврдењата на поранешната управа на аеродромот Чилипи изнесува 10 милиони евра.