Премиерот на Црна Гора во заминување, Дритан Абазовиќ, на лидерскиот самит „Отворен Балкан“ во Белград порача дека на иницијативата Отворен Балкан ѝ е потребна прогресивна политика.
Како што нагласи тој, сме пробале војни, кризи, катастрофи, борби, но не и соработка, додавајќи дека е дојдено крајно време да се избере мирот и напредокот.
„Дојде време да се разбере дека поголема флексибилност на границите значи обединување и разбирање на сè што треба да биде проток на европскиот дух. Со оглед на кризата во зима која може да трае до пролет, мора да ги држиме каналите отворени. На граѓаните им е преку глава од обвинувања, треба да им понудиме нешто друго, поголема соработка. Во глобалните општества, никој не може да направи ништо сам. Треба да ја подобриме соработката. Вчера учествувавме на саемот за вино, зошто да не го направиме тоа и во другите сектори. Ајде да има и други учесници, дали некој гледа нешто лошо овде? Можеме да ја зголемиме довербата и да понудиме нова визија. Оние околу оваа маса се добредојдени. Очекувам Црна Гора да се приклучи што е можно поскоро. Ако некој оди во Црна Гора, треба да има само еден знак на кој пишува „Добредојдовте во Црна Гора“. Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и Курти за договорот во изминатите денови. Да ја испратиме војската на граница? Дали е ова иднината на овој регион? Овој регион ја испраќа пораката дека можеме да седнеме на маса. Не треба да влегуваме во рововите на национализмот, тоа е погрешна политика. Треба да создадеме нова вредност во политиката. Соработка и економски развој. Тоа не е поврзано со забавувањето кон европскиот пат“, рече Абазовиќ.