Главниот осомничен за нападите во Париз Салах Абдеслам планирал да изведе идентични напади и во белгиската престолнина.
Две групи биле подготвени и требало да изведат симултани терористички бомби со саморазнесување и пукање со калашникови во Брисел, буквално идентично како и при нападите на 13-ти ноември минатата година во Париз, кога 137 недолжни цивили ги загубија животите.
Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, предмалку го пренесе белгиската телевизија „ВРТ“, а ја потврди и националниот сервис „РТБФ“, според кој Салах Абдеслам, уапсен минатата недела, требало да ја предводи едната група што паралелно со бомбашите-самоубици на бриселскиот аеродром Завентем и во метро-станицата, ќе вршеле масакри пукајќи од пушки по обични луѓе на улиците на Брисел.
Абдеслам, заедно со Мохамед Белкаид, Амин Чукри и трето непознато лице имале идентичен план за симултани терористички напади по улиците на бриселската и европска престолнина како што беше случај со оние во Париз минатата година, каде директно учествуваше самиот Салах Абдеслам. Сепак, овој план кој оваа исламистичко-фундаменталистичка терористичка мрежа ги планирала за понеделник (28. март) на прв ден католички Велигден, пропаднал поради акцијата на белгиската полиција во бриселската населба Форест минатата недела, кога Белкаид беше застрелан. Иако во прв момент и побегнаа на полицијата, Салах Абдесла и Ами Чукри во петокот беа уапсени во населбата Моленбек.
Според телевизиите „ВРТ“ и „РТБФ“, истрагата има силен доказ дека ваков план бил целосно разработен и акцијата со апсењето на Абдеслам превенирала далеку покрваво сценарио од завчерашното во кое загинаа 31 лице, а 300 беа повредени.