Рускиот бизнисмен Роман Абрамович ја префрлил компанијата што ја контролирал со инвестиции од десетици милиони долари на директорот на англискиот фудбалски клуб Челзи на денот кога Русија ја нападна Украина, покажаа корпоративните документи во Велика Британија.
Тоа беше вторпат сопственикот на Челзи, Абрамович да го префрли имотот на близок соработник пред Британија и ЕУ да воведат санкции против него овој месец.
Откако Британија првично беше побавна од САД и Европската Унија во воведувањето санкции по инвазијата на 24 февруари, британските пратеници се пожалија дека Владата им дава време на олигарсите да ги префрлат своите средства надвор од земјата пред да бидат објавени какви било ограничувања. Засега нема коментар од Абрамович и од британската Влада.
Абрамович (55) стана еден од најмоќните руски претприемачи главно од нафта и алуминиум за време на хаотичните последици од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Списанието „Форбс“ минатиот месец ја објави нето вредноста на неговото богатство на повеќе од 13 милијарди долари.
Велика Британија и ЕУ воведоа санкции, како што се замрзнување на имотот на Абрамович и стотици руски поединци и ентитети, насочени кон лица обвинети дека го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин.